/ Прочитано:

844

Двегодишен наместо четиригодишен мандат на Комисијата за лустрација

Вторник, 28 јули 2015 – Наместо четири, максимум две години ќе биде мандатот на Комисијата за верификација на факти, сметајќи од 1­ септември годинава кога почнуваат да важат најновите законски измени со кои престанува лустрацијата и нема да се процесираат нови предмети.

Ова е заклучокот од денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, на која беа разгледани единствените три амандмани, поднесени од пратеничката Роза Топузовска-Каревска.

Топузовска-Каревска со едниот амандман предложи мандатот на Комисијата да биде три години, а со другиот амандман – две години. ­ „Разумен рок за постоење на Комисијата е две до три години. Не верувам во ефикасноста и во ажурноста на судството, но сметам дека треба да има разумен рок за завршување на постапките“, истакна пратеничката, додавајќи дека моментно има околу 30 обжалени предмети од кои околу 20­ се пред првостепениот суд.

Предлогот беше оценет како логичен и беше прифатен од предлагачите на законот, но со дополнување, по што Топузовска-Каревска ги повлече двата амандмана. „Не би сакале да го исклучиме целосно содржинското ограничување на постапките, кое зависи од Комисијата и од судовите, а сепак тие треба да имаат некој временски рок. Затоа би предложил да направиме комбиниран амандман кој би го задржал досегашниот текст на членот 5 и на него би се додале зборовите ‘а најдоцна во рок од две години од денот на почнување на примената на овој закон’“, рече Антонио Милошоски, еден од предлагачите на законот.

Третиот амандман на Топузовска – Каревска, кој исто така го прифатија предлагачите, предвидува одлуката на судот за постапките кои не би завршиле во предвидените две години, додека трае мандатот на Комисијата за лустрација, да биде конечна. Ова решение се дефинира со дополнителен член во законот, според кој „за постапките пред надлежниот суд кои ќе завршат по рокот предвиден за функционирање на Комисијата за верификација на фактите, пресудите кои ги донел судот се сметаат за конечни и правосилни“.

Милошоски рече дека амандманот е прифатлив зашто за време на престанувањето на мандатот на Комисијата, судот ќе треба мериторно да одлучува, а тоа е во согласност со уставното начело за владеење на правото. Додека пости Комисијата, може да има судска одлука која ќе значи враќање на предметот на дополнително разгледување или одлучување. Во моментот кога нема да постои, ако сè уште е во тек таков случај, тогаш Судот ќе одлучува мериторно и неговата пресуда или одлука ќе биде конечна, нагласи Милошоски.

Лустрацијата престанува, Комисијата продолжува со работа до конечното завршување на постапките