/ Прочитано:

1.296

Џафери: Довербата во Законодавниот дом зависи од неговата транспарентност

Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, денеска изјави дека е потребно да се променат перцепцијата и довербата на граѓаните кон Парламентот, бидејќи, како што рече, според одредени анкети тие се на најниско ниво. „Перцепцијата и довербата, пред сè, зависат од транспарентноста на работата на Собранието како законодавна власт, а потоа и од секој пратеник, па и од собраниската служба“, изјави Џафери.

На конференцијата насловена „Зајакнување на улогата на Собранието на РМ – Помеѓу реформите и политичката волја“, свое обраќање имаше претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, кој нагласи дека е потребно да се променат перцепцијата и довербата на граѓаните кон Парламентот, бидејќи, како што рече, според одредени анкети тие се на најниско ниво.

„Перцепцијата и довербата, пред сè, зависат од транспарентноста на работата на Собранието како законодавна власт, а потоа и од секој пратеник, па и од собраниската служба“, изјави Џафери.

Во однос на транспарентноста на законодавниот дом, Џафери ја истакна важноста од воведување на т.н. е-парламент, потоа активно ажурирање на веб-страницата на Парламентот, како и можноста преку стриминг во живо да се следат пленарните седници на Собранискиот канал, кој, како што кажа, исто така е во функција на информирање на јавноста и обезбедување на транспарентноста во работењето на Собранието.

Во своето денешно обраќање, претседателот на Собранието најави дека ќе иницира расправа како да се збогатат содржините на Собранискиот канал кој сега има само директен пренос на пленарните седници, како и на седниците на Комисијата за финансирање и буџет кога таа расправа за донесување на Буџетот на државата.

Што се однесува, пак, до надзорната функција на Собранието на РМ, Џафери потенцираше дека е убеден оти сегашното парламентарно мнозинство има волја за придвижување на работите во позитивна насока, нагласувајќи притоа дека тој секогаш ќе биде отворен и подготвен да разговара за секоја критика, предлог или иницијатива која доаѓа од невладиниот сектор, стручната јавност, пратеник или пратеничка група.

Според Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, од овој парламентарен состав се очекува суштински да ја врши надзорната улога, за што е потребно да се направат некои деловнички измени. Тој истакна дека, пред сè, треба да се нотираат регулаторните и надзорните тела и агенции, да работат одговорно и ефикасно, а оние коишто ги раководат да преземат одговорност доколку не функционираат овие тела.

И на денешната конференција уште еднаш беше повторено дека во Собранието мора да постои дебата за законите што ќе се носат, за да не се случува и во иднина најголем број од законите да бидат изгласувани по скратена постапка.

А. Б.