/ Прочитано:

1.454

Ештрефи бил пресметлив кога го убил Ангел — техничките советници го потврдија вештачењето на обвинителството

Понеделник, 8 јуни 2015 – И психијатарот и психологот, т.н. технички советници, предложени од одбраната на обвинетиот за убиството на Ангел Петковски го потврдија психијатриското вештачење на обвинителството: обвинетиот Насер Ештрефи е психички здрава личност и тој не изгубил контакт со реалноста за време на кривично-правниот настан, односно бил пресметлив и дејствувал свесно.

Денеска во Основниот суд Скопје 1 продолжи судење за убиството на матурантот Ангел Петковски, што се случи минатата година во населбата Ѓорче Петров. Својот експертски наод  го образложија технички советници, односно психолог и психијатар предложени од одбраната.

Психолог Слободанка Тодоровска-Ѓурчевска појасни дека е очекувано кога ќе биде некој фатен во деликт, во конкретниот случај кражбата на велосипедот, да има зголемена афективна реакција. За афективната реакција, како што рече, се суди по убиството и дека тој реагирал многу разумно.  Психологот исто така наведе дека е очекувано да се јавило страв кај Ештрефи по кражбата на велосипедот дека ќе биде пресретнат и фатен, но дека истовремено е психички здрава личност, која не изгубила контакт со реалноста за време на критичниот настан.

Според Тодоровска-Ѓурчевска, за клучните моменти кај насипот на Вардар обвинетиот во разговор со неа одговарал селективно.

„Обвинетиот одговора дека не се сеќава за моменти што не му одат во прилог“, наведе психологот.

Тодоровска-Ѓурчевска, појаснувајќи го профилот на личноста на Ештрефи, посочи дека тој се занимавал со одгледување на кучиња кои  ги користел за борби од забава.

„Дојдовме до заклучок дека кај обвинетиот е присутна латентна агресивност“, рече таа.

Според психологот, Ештрефи во разговор со неа тврдел дека бил тепан од полициски службеник, што, пак, е спротивно на исказите на полициските службеници кои беа сведоци во постапката.

Психијатарот Весна Дамјановска во целост го потврди вештачењето изработено од психијатарот Александар Марцикиќ, предложен од Обвинителството.

Таа потврди дека обвинетиот бил пресметлив за време на настанот. Како што појасни, речиси сите убиства се сторуваат во афект, освен оние што се рационални. Според Дамјановска, зголемениот афект ако не успеал да ја растрои свеста, тогаш не го растроил логичното расудување и размислување.

Го потврди наводот на Марцикиќ дека за време на тепачката кај Ештрефи постоела афектна реакција која не влијаела врз свеста на обвинетиот.

„Од видеоснимките ценам дека обвинетиот по настанот мошне вешто, елегантно и невпечатливо се оддалечил од местото на настанот. Потоа се крие во соседните куќи и кога е забележан, бега кон главната улица каде што наидува на полициско комбе и решава да се приближи кон него, сметајќи го тоа за најлогично решение. Од снимките нема видливи знаци на анксиозност, бес, возбуда…“, појасни психијатарот Дамјановска.

Судењето ќе продолжи на 12 јуни, петок. Предвидено е исказ даде обвинетиот Ештрефи за кого до денеска беше неизвесно дали воопшто ќе биде предложен од одбраната во улога на сведок. Судот исто така треба да се произнесе по барањето на одбраната за реконструкција на настанот.

Убиството на матурантот Ангел Петковски се случи на 19 мај минатата година во скопската населба Ѓорче Петров.  Сè почнало со кражба на велосипедот на Ангел од семејната куќа на Петковски. Според обвинението, Ештрефи откако го украл велосипедот од дворот, бил забележан од таткото на Ангел и побегнал кон мостот што води кон Сарај.

„На патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот, кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот, и Ангел кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. Обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон Ангел нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат со дрвен стап од страна на таткото на сега покојниот и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега“, се вели во обвинението.

Залудни биле обидите за помош пред Очната клиника. Поради обилно внатрешно и надворешно крвавење, Ангел починал на скалите од болницата.

 Ештрефи,  на самиот почеток на судењето, призна дека го украл велосипедот, но негираше вина за убиство со умисла. Судот, кој ја раздвои постапката за овие две дела, го осуди на условна казна за кражбата, па затоа моментно му се суди само во однос на обвинението за убиство. Клучниот доказ, ножот со кој е сторено убиството, и покрај пребарувањето на теренот, до денес не најден.

Судскиот процес, кој почна во јануари годинава, се води по новиот ЗКП.

 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk