/ Прочитано:

1.095

ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА УСВОИ РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА СРЕБРЕНИЦА: „Ужасните злосторства никогаш не смеат да се повторат!“

Четврток, 9 јули 2015 – Европскиот парламент денеска ја усвои Резолуцијата со која остро се осудува „геноцидот во Сребреница“, кој е така означен во согласност со пресудите на Хашкиот трибунал и Меѓународниот суд за правда. „Ужасните злосторства никогаш не смеат да се повторат!”, беше порачано.

Во Резолуцијата на ЕП се наведува и дека силите на босанските Срби, под команда на Ратко Младиќ, се одговорни за масовната егзекуција на над осум илјади муслимански мажи и момчиња од Сребреница, со учество и на паравоени и нерегуларни единици. Тоа е најголемо воено злосторство во Европа по Втората светска војна.

Претходно, европратениците дебатираа за оваа резолуција, а летната сесија на ЕП започна со оддавање почит на жртвите од геноцидот со една минута молчење.

Претседателот на ЕП, Мартин Шулц нагласи дека ова злосторство не требало да се случи.

„Нашиот колективен неуспех е што не успеавме да го спречиме и тоа за нас претставува срам“, рече Шулц.

Тој притоа им оддаде почит на жртвите и им изрази искрени сочувства на нивните семејства.

„Ние не треба никогаш да ја заборавиме Сребреница бидејќи не може да има помирување пред да бидат признати страдањата и болките“, рече Шулц, оценувајќи го како „отровна реторика“ популистичкото поттикнување за етничко чистење кое го отвори патот за редефинирање на границите и кое ги негираше мултиетничките и мултирелигиозните корени на Балканот.

„Ние треба да се грижиме за да не се разгорат старите демони и да не се поттикнуваат нови“, предупреди претседателот на ЕП.

„Вратата на Европа е отворена за оние што го одбираат патот на демократијата и првната држава, со заедничко разбирање дека помирувањето е витално за безбедноста и соработката на Западен Балкан“, заклучи Мартин Шулц.

Во Сребреница пред дваесет години на 11 и 12 јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци, во најголемото злосторство извршено на територијата на Европа по Втората светска војна.

Европскиот парламент досега има усвоено две резолуции за Сребреница, но претставникот на пратеничката група на либералите, Иван Јаковчиќ, апелираше во четврток да биде усвоена уште една резолуција, како поддршка од европратениците и со цел „геноцидот да биде одбележан со достоинство“.

Во понеделникот европратениците Јозо Радош од Хрватска, Едуард Кукан од Словачка и Словенците Тања Фајон и Игор Шолтес пред влезот во пленарната сала на сите европартеници им поделија рози рачноизработени од страна на членките на здружението „Мајките на Сребреница и Жепа”, со цел, како што рекоа, да потсетуваат дека такво ужасно кривично дело никогаш повеќе не смее да се повтори“.

Синоќа Советот за безбедност на ОН не усвои резолуција за Сребреница, поради руското вето. Денеска европратениците во парламентарна дебата го осудија неусвојувањето на резолуцијата од страна на Советот за безбедност.

На комеморацијата се очекуваат 70.000 луѓе – најавени повеќе од 90 странски делегации и 800 новинари

На комеморацијата во Сребреница во сабота на 11 јули најавени се повеќе од 90 странски делегации, меѓу кои и поранешниот американски претседател Бил Клинтон, поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт, високиот претставник на ЕУ Федерика Могерини и премиерот на Турција Ахмет Давутоглу. Европскиот парламент ќе го претставува потпретседателката Улрике Лунацек.

Претседателот на Организацискиот одбор и началник на Општина Сребреница, Ќамил Дураковиќ, за Танјуг изјави дека своето присуство го потврдиле премиерот на Србија,  како и претседателите на Словенија, Хрватска, Црна Гора и Македонија.

„Многу ни е важно регионот во вистинска смисла да биде присутен“, изјави Дураковиќ.

 Своето присуство го потврдиле и јорданската кралица, Нур, заменикот генерален секретар на ОН, Жан Мари Гено, министри за надворешни работи од голем број европски држави, како и претставници од Музејот на холокаустот во САД.  Дураковиќ вели дека на комеморацијата се очекуваат меѓу 50.000 и 70.000 граѓани. Повеќе од две илјади полицајци ќе се грижат за безбедноста, додека акредитирани се повеќе од 800 новинари. На комеморацијата ќе се обратат 16 официјални лица.

Хаг досега осуди 14 лица

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, досега осуди 14 лица за злосторства против Бошњаците во Сребреница. Три лица добија доживотен затвор.

Моментно во тек се уште четири високопрофилирани судски процеси – двајца од нив се поранешните офицери на српската државна безбедност, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, а другите двајца се поранешниот политички водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, и командантот на ВРС, Ратко Младиќ.

Трибуналот го ослободи само поранешниот генерал на Југословенска народна армија, ЈНА, Момчило Перишиќ.

Во изминатата деценија, за злосторствата во Сребреница, Судот на БиХ, пак, осуди вкупно 23 лица на 440 години затвор. Единствениот што беше осуден за геноцид од Судот на БиХ, е поранешниот офицер на бригадата Зворник на ВРС, Милорад Трбиќ, кој доби 20 години затвор.