/ Прочитано:

1.417

„Фими медиа“: Криви сме, жал ни е — Павошевиќ и Јурак уште еднаш потврдија дека имало корупција во ХДЗ

Вторник, 29 октомври 2013 – Поранешната сметководителка на ХДЗ Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ Невенка Јурак, денеска во изнесувањето на својата одбрана во целост останаа на признанието од претходна постапка дека учествувале во најголемата корупциска афера во Хрватска и изразија жалење што ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар. 

Во продолжение на судскиот процес за аферата „Фими медиа“ својата одбрана ја дадоа поранешната сметководителка на ХДЗ Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“, Невенка Јурак.

„Жал ми е што се доведов во ваква ситуација, се осеќам виновна и уште еднаш пред вас го изразувам моето жалење. Поради ова страда моето семејство, јас се разболев, на боледување бев во две и пол години, а во меѓувреме добив и отказ“, рече Павошевиќ. Својот исказ дека имало корупција во ХДЗ, Павошевиќ во истрага го поткрепи со запис каде таа ги бележела сите исплати кој во готово биле исплаќани од „црниот“ фонд на ХДЗ.

Јурак, освен што го потврди признанието, објасни дека нејзината фирма работела од 2001 година и дека помош од нејзиниот долгогодишен пријател и поранешен благајник на ХДЗ Младен Баришиќ побарала во 2004 година, кога западнала во финансиски тешкотии.

По ова, според нејзиниот исказ Баришиќ зборувал со поранешниот премиер на Хрватска и експретседател на ХДЗ Иво Санадер, кој е првообвинет во овој предмет, и тој се согласил „Фими медиа“ да биде новата маркетиншка агенција која ќе работи за ХДЗ.

Обвинетата додаде дека сите фирми и владини институции биле задоволни од работата на „Фими медиа“, но дека од ХДЗ пристигнувале се поголеми финансиски барања. Од оваа причина, според Јурак е организиран и состанокот во Владата во 2007 година на кој спрема наводите на Обвинителството на јавните преторијатија им било сугерирано да соработуваат со „Фими медиа“.

„Освен задачите кои уредно ги извршувавме почнаа да пристигнуваат и барања од приватни претприемачи за донирање на пари, на начин што јас издавав фиктивни фактури кои тие ми ги плаќаа“, истакна Јурак, присетувајќи се дека поради ова осетила страв и му се пожалила на Баришиќ.

„Баришиќ, ме сослуша и ми рече дека ќе разговара со Санадер. Повратно ми пренесе дека Санадер му рекол дека јас немам причина да се плашам. Оваа порака ми беше доволно, бидејќи доаѓаше од премиерот“, изнесе во своја одбрана Јурак.

Судскиот процес ќе продолжи на 4 ноември со одбраната на застапникот на ХДЗ, првата хрватска политичка партија обвинета за корупција.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и директор на Царинската управа на Хрватска –Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ .  Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.