/ Прочитано:

1.725

ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА АКЦИЈАТА „ГЕОДЕТ“

Правничка во Скопски катастар осомничена за организирање криминал тежок над пет милиони евра – уапсени 19 лица

Финансиската полиција известува дека ја реализирала оперативната акција „ГЕОДЕТ“, во која вкупно се уапсени 19 лица, од кои 9 актуелни и 2 поранешни вработени во Агенцијата за катастар на недвижности, еден сопственик на приватна геодетска фирма од Скопје и 7 лица кои незаконски се стекнале со недвижен имот.

foto akademik

На товар на уапсените им ставаат повеќе кривични дела и тоа „Злоупотреба на службената положба и овластување“ „Соизвршителство“, „Примање поткуп“, „Поднесување на лажни докази“ и „Помагање“. Како што информираат од Финансисската полиција, оперативната обработка „ГЕОДЕТ“, Финансиската полиција ја отворила како резултат на официјалната пријава од Агенцијата за катастар на недвижности чиј што Сектор за внатрешна контрола при редовните контроли во Центарот за катастар на недвижности во Скопје детектирал поголем број на предмети кои од страна на службените лица не се постапени согласно Законот за катастар на недвижности и подзаконските акти донесени согласно овој закон.

„Финансиската полиција утврди дека главен организатор на криминалот е до скоро вработена дипломирана правничка во скопскиот катастар, а во шемата биле вклучени и шалтерски работници, поголем број на геодети и тројца раководители. Шемата била идентична кај речиси сите предмети и со мали исклучоци се одвивала на два начина. Првиот начин за криминално запишување права на недвижности бил преку поднесување на фиктивни пријави за запишување со фалсификувани документи или без никакви документи од страна на лицата на кои требало да им биде запишан определен имот на шалтер во скопкиот катастар кај однапред договорен шалтерски работник од каде потоа од страна на еден од осомничените раководители и бил доделуван на првоосомничената. Вториот начин кој им бил полесен за спроведување и е почесто користен е начинот каде еден од осомничените раководители искористувајќи ја својата службена положба и овластување, отварал службен предмет за наводна исправка на некоја техничка грешка во катастарот на недвижности и потоа спротивно на процедурите за постапување во Агенцијата за катастар на недвижности, предметот наместо на геодет директно и го доделувал за работа на пријавената правничка  која крајно носела одлука што ќе биде запишано во катастарската евиденција. Ваквата криминална шема групата ја започнала од крајот на 2014 година и траела се до средината на 2015 година кога се и откриени“, известуваат од Финансиската полиција.

Во врска со случајот , од Основното јавно обвинителство – Скопје велат дека започнале постапка против 19 лица за кривични дела поврзани со незаконски активности во Агенцијата за катастар на недвижности – Центар за катастар на недвижности – Скопје

„Во текот на вчерашниот и денешниот ден во координирана акција на Основното јавно обвинителство – Скопје и Управата за финансиска полиција од слобода се лишени 19 лица кои денес се изведени пред судија на претходна постапка. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка поднесе:

– Предлог за определување на мерка – Притвор за две лица за кривично дело – Примање поткуп;

– Предлог за определување на мерки за претпазливост – Забрана за напуштање на престојувалиште, односно живеалиште, привремено одземање на патна исправа и забрана за преземање на работни активности поврзани со кривичното дело, за девет лица за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување;

– Предлог за определување на мерки за претпазливост – Забрана за напуштање на престојувалиште, односно живеалиште и привремено одземање на патна исправа за еден осомничен за кривично дело – Поткуп, за еден осомничен за Злоупотреба на службена положба и овластување и за шест лица за кривично дело – Поднесување на лажни докази.

Во исто време надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка поднесе и Барање за издавање на привремена мерка забрана за отуѓување и располагање со недвижен имот за две правни и 32 физички лица. Акцијата е како резултат на повеќемесечната координирана активност на Основното јавно обвинителство – Скопје и Управата за финансиска полиција за откривање и утврдување на кривични дела и нивни сторители поврзани со незаконски активности во Агенцијата за катастар на недвижности – Центар за катастар на недвижности – Скопје“, известуваат од Јавното обинителство.