/ Прочитано:

1.778

Формирање на Совет за соработка помеѓу Владата на РМ и граѓанскиот сектор

Со оваа одлука се формира Совет за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор како советодавно тело на Владата за унапредување на соработката, дијалогот и за поттикнување на развојот на граѓанскиот сектор во Република Македонија.

НВО

Во Службен весник на РМ бр. 98 од 19.5.2016 е објавена Одлуката за формирање на Совет за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор, која влегува во сила од 20.5.2016 година.

Со оваа одлука се формира Совет за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор како советодавно тело на Владата за унапредување на соработката, дијалогот и за поттикнување на развојот на граѓанскиот сектор во Република Македонија.

Според оваа одлука, Советот врши повеќе работи поврзани со следењето на спроведувањето на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор и Акцискиот план за спроведувањето на Стратегијата, го поттикнува унапредувањето на соработката и градењето на партнерски односи на Владата и органите на државната управа со граѓанскиот сектор, ја следи и ја анализира јавната политика која се однесува и/или влијае на граѓанскиот сектор, иницира донесување на нови или изменување и дополнување на постојните прописи за унапредување на правната и институционалната рамка за дејствување на организациите; дава мислење по предлози на закони, стратегии, програми и други правни акти кои се однесуваат или влијаат на развојот и на дејствувањето на граѓанскиот сектор, ја следи и ја анализира вклученоста на организациите во процесот на креирање на јавната политика и дава препораки за нејзино унапредување, дава предлози при планирањето на приоритетните области за финансирање на активности на организациите од Буџетот на Република Македонија, ги разгледува годишните извештаи на Владата и органите на државната управа за финансираните програми и проекти на организациите и дава препораки и усвојува годишен извештај за својата работа за претходната година, што го објавува на веб-страницата на Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија – организациона единица за соработка со граѓанскиот сектор и го доставува до Владата за информирање.

Советот е составен од 27 члена кои ги назначува Владата, кои се назначуваат за период од 3 години.

Владата назначува 14 члена на Советот од редот на вработените во органите на државната управа, со најмалку три години искуство во соодветната област, на предлог од: Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за локална самоуправа, Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за информатичко општество и администрација, Секретаријатот за европски прашања, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и Агенцијата за млади и спорт.

Владата назначува 13 члена на Советот на предлог на организациите регистрирани во согласност со Законот за здруженија и фондации, преку јавен повик, од следните области: развој на граѓанскиот сектор; демократија и владеење на правото; промоција и заштита на човековите права и антидискриминација, економски и одржлив развој, наука, образование и доживотно учење, активизам на младите, социјална заштита и заштита на деца, заштита на маргинализираните лица и родова еднаквост, заштита на здравјето и унапредување на квалитетот на живеењето, земјоделство и рурален развој, култура, медиуми и информатичко општество, заштита на животната средина.

Советот, на првата седница, определува претседател на Советот од редот на членовите од организациите регистрирани во согласност со Законот за здруженија и фондации и заменик на претседателот од редот на членовите од редот на вработените во органите на државната управа, кој го заменува претседателот во случај на негова спреченост или отсутност.

Членовите на Советот се назначуваат за период од три години.

Кандидатите за членови на Советот предложени од организациите треба да ги исполнуваат следните услови:

– да поседуваат најмалку три години работно или волонтерско искуство во граѓанскиот сектор во областа од која се избрани во Советот за која се предлагаат како кандидат;
– да имаат експертиза по прашања од граѓанскиот сектор во областа на дејствување за која се предлагаат како кандидат (број на спроведени проекти како експерти, објавени публикации, учество во работни групи, мрежи или платформи и сл.).

Јавниот повик за избор на членови на Советот трае 15 дена и пријавите треба да се достават во писмена форма кон која приложуваат копија од тековна состојба од уписот во регистарот на правни лица за регистрација на организацијата, копија од статутот, копија од завршна сметка, уверение за платени даноци, годишен извештај со референтна листа на активности на организацијата во последните 3 години, биографија на кандидатот со референтна листа на активности од областа на граѓанскиот сектор, мотивациско писмо од кандидатот со план за застапување, координација и комуникација на граѓанскиот сектор во областа за која се предлага.

Најдоцна осум дена од завршувањето на јавниот повик, Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија – организациона единица за соработка со граѓанскиот сектор изготвува извештај за бројот на пријавени организации со кандидати кои ги исполнуваат условите од јавниот повик во секоја од областите на дејствување.

Извештајот се објавува на веб-страницата на Генералниот секретаријат на Владата на РМ, со повик до организациите да го дадат својот глас само за еден од кандидатите во областа на нивното дејствување, најдоцна 15 дена од објавување на повикот. Секоја активна организација регистрирана во Централниот регистар на Република Македонија може да гласа само за еден кандидат во една област, а најдоцна во рок од 8 дена по завршувањето на гласањето, Генералниот секретаријат изготвува листа на кандидати според бројот на добиени гласови за секоја од областите на дејствување која ја објавува на својата веб-страница.

Членувањето во Советот за членовите е без надомест, а тие се назначуваат најдоцна 3 месеци од денот на влегувањето во сила на Одлуката за формирање на Советот.