/ Прочитано:

1.114

(ФОТО) Обвинителствата и ги доставија на Јанева сите предмети поврзани со прислушувањето

Петок, 4 декември 2015 – Основното јавно обвинителство Скопје, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и другите обвинителства денеска и’ ги предадоа на специјалната обвинителка Катица Јанева сите предмети поврзани со прислушувањето.

Спакувани во повеќе кутии предметите беа донесени со две возила во Министерството за правда, кoe се’ уште се води  како официјална адреса на Специјалното обвинителство. Како што наведуваат од Јавното обвинителство на РМ, покрај петте предмети што Јанева ги побара како први и најитни предмети, кои произлегуваат од прислушуваните разговори, до Специјалното јавно обвинителство доставени се и другите предмети, 31 на број, кои се оформени за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите.

„Предавањето на предметите е согласно на Законот за кривична постапка, според кој за постапување по овие предмети е стварно надлежно Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“,  велат од ЈОРМ.

Инаку Јанева како најитни побара пет предмети оформени по повеќе кривични пријави – за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, за злоупотреба на службена положба примање поткуп, против премиерот Никола Груевски, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески за фалсификување исправа, случајот „Пуч“, злоупотреба на службената положба и овластување против градоначалникот на Битола Владимир Талевски и против непознато лице од Куманово за кривично дело неовластено прислушување. 

>> ЈАНЕВА ГИ ПОБАРА ПРВИТЕ ПЕТ ПРЕДМЕТИ: „Пуч“,опрема од Израел, избори, Талески…