/ Прочитано:

2.188

(ФОТО) Идејата се претвори во реалност: Конференцијата за управување со правни ризици ја обедини светската правна елита

Четврток, 24 октомви 2013 – Денеска во Скопје и за првпат во регионот на Јужна Европа во организација на АКАДЕМИК, започна Првата регионална конференција за управување со правни ризици. Иако прва од ваков тип, Конференцијата е центар на правото во Јужна Европа и Република Македонија, започнувајќи иновативна мисија која ќе ги интегрира најзначајните искуства од областа на управувањето со правните ризици. Светската правна елита се спои на едно место, а истакнати меѓународни и домашни експерти пред триста учесници дадоа свои излагања поврзани со предвидувањето и управувањето со правните ризици. Помеѓу говорниците се вброија имиња со светско реноме од својата фела и јавниот живот.

Свој исклучителен придонес кон дебатата дадоа и Билјана Бришкоска – Бошковски, заменик министер за правда и Никола Додевски, претседател на Адвокатската Комора, кој на почетокот во својот поздравен говор истакна дека Конференцијата е значаен исчекор на глобално ниво, бидејќи е прва од ваков карактер, а обработува вештини кои треба да ги поседува секој адвокат.

Никола Додевски, претседател на АКРМ

Заменик-министерот за правда Билјана Бишкоска – Бошковски во своето излагање се фокусираше кон владините политики за креирање стратегија за структурно управување со правните ризици во јавниот сектор. Во рамките на таа стратегија уврдени се принципи кон кои ќе се движи подготовката на стратегијата како: идентификување на проблемите, јасен приказ на активностите поврзани со правните ризици, усогласување на законодавството, етаблирање соодветен орган за координација, превенција од правни ризици, кодифицирана терминологија и електронска база на податоци.

Билјана Бришкоска – Бошковски, заменик министер за правда

Тим Џонс од мултинационалната адвокатска компанија со седиште во Лондон „Freshfields Bruckhaus Deringer“, правен застапник на Олимписки игри, говореше за своите искуства од управувањето со правни ризици при планирањето и подготовката на Олимписките игри одржани во Лондон минатата година. 

Тим Џоунс, управувачки партнер во „Freshfields Bruckhaus Deringer“

Во својот инспиративен говор, Џонс ги потенцираше сите предизвици, проблеми и решенија поврзани со еден мега крупен проект како организација на Олимписките игри. Како што истакна, и покрај тоа што на почетокот во Велика Британија постоело скепса во однос на тоа правници да организираат ваков проект, подоцна се покажало дека токму правници можат совршено тоа да го направат. Успехот се должи на фактот, како што посочи Џонс, во „прецизноста на правниците и тоа што често го поставуваат прашањето – Што ако се случи ова?“ Во тој контекст,  управувањето со ризици секогаш треба да биде проследено со предвидливоста на проблемите кои со себе носат ризик.

Конкретно во случајот со организирањето на игрите тој истакна дека повеќе фактори биле клучни за добрата организација која резултирала со продадени два милиони влезници, а тоа се: координација со владата и локалната власт, инфраструктурата, безбедноста, таргетирањето на можностите за поведување парници, детално склучени договори, експертска контрола и строга форма на договорите за изградба на објекти, деловната етика, следење на социјалните медиуми, контрола над допингот и обложувањето. Ваквите позитивни искуства денес се репер за спроведување и организација на Олимписките игри, а за таа намена адвокатското друштво „Freshfields Bruckhaus Deringer“ издало и Прирачник.

„Ние сакавме да се подобри и профитот на фирмата, нашите клиенти ова ги импонираше. Никогаш нема да го заборавиме ова искуство што кај нас внесе голем жар“, заклучи Тим Џонс.

Претседателот на Адвокатската комора на Србија Драгољуб Ѓорѓевиќ, најпознато адвокатско име од кривичната област кај нашиот сосед, својот говор го насочи кон правосудната кривичноправна поблематика. Во своето извонредно излагање приошти мошне едукативни правнофилозофски и практични компоненти кои се поврзани со правниот ризик. Приспомнувајќи се на цитат од својот професор, теоретичарот Лукиќ, истакна дека „Законот е волја на владеачката класа“, со што го потенцираше, според него, најкрупниот правен ризик за применливост и структуирање на кривичните законици – политиката.

Драгољуб Ѓорѓевиќ, претседател на Адвокатска комора на Србија

Во таа насока, Ѓорѓевиќ го конципираше своето излагање кон политичките превирања во Србија и случајот со убиството на Зоран Ѓингиќ. Според него, политиката го имала клучното влијание во примената на законите во врска со овој случај што во практиката е клучен ризик фактор. Како слабост на законодавствата на земјите во танзиција ја акцентираше хиперпродукцијата на закони, декларираните потреби за модернизација кои останувале само на својата декларативност, наместо функционалност затоа што за функционалност најпрво е потребна политичка волја, па потоа кадровско екипирање, технолошко опремување, буџетска самостојност, а нив – ги немало.

Одличен впечаток остави излагањето на Анто Нобило, адвокатот од Хрватска чие име е синоним за успех во водењето на хашки случаи. Низ неговиот говор воочлива беше нишката на емотивност, велејќи дека еден ден идните генерации ќе ја проучуваат нивната работа затоа што наликувала на „дејствија од роман“.

Анто Нобило, управувачки партнер во „Nobilo Attorneys“

Излагањето на ценетиот адвокат беше фокусирано кон сите премрежија што тој како професионалец и човек ги доживеал за време на одбраната на неговиот клиент Тихомир Блакшиќ, обвинет за воени злосторства. Опструкциите и хипокризијата што му ги наметнале државните органи под превезот на соработка, Нобило ги вброја како ризици за кои е потребно вештина, знаење и среќа за да се избегнат и минимизираат. Во случај кога не по своја вина бил доведен да избира помеѓу официјално прифатената верзија на одедени државни органи на Хрватска што биле прикажани како државен интерес  и неговиот клиент, тој, како што рече, одбрал да биде на страна на вистината, бидејќи и не само професионално, туку и интимно тоа го чувствувал. Благодарение на својата искреност и чесниот однос кон клиентот вели дека ја разоткрил шемата за прикривање на вистината која имала намера до го смести неговиот клиент во хашкиот затвор и тоа за да заштити – политичар. Со ова Нобило откри дека вмешувањето на политиката се смета за силен ризик фактор, оттука и подвлече: 

„Отворив војна со државните органи, што за моја среќа заврши во моја корист. На јавноста и кажав за се што се прави против Блакшиќ и дознавајќи го тоа јавноста гневот го насочи кон вистинските извршители на злосторството во воено-известувачката служба. Бев предупреден дека ми се спрема убиство и поднесов кривични пријави. Новинарите и јавноста беа на моја страна и блaгодарение на некои нивни извори добив квалитетна одбрана. И во Босна кадешто беше извршено убиството добив одлична поддршка со што го добив и врвниот доказ – изјава од сведок и извршител по наредба. Тогаш и се дозна кои се вистинските наредбодавци“.

Изнесените искуства на Нобило, како и на Ѓорѓевиќ во својата суштина го објаснуваат влијанието на политиката врз постапките, пресудите и кршењето на човековите права. Тие, како што велат – се нашата реалност и адвокатот треба да е подготвен да се сноси со овие прани ризици.

Малку поинаква конотација имаше корисното излагање на Илијанчо  Гаговски, долгогодишен директор на Microsoft за Македонија. Тој се осврна за потребата од софтверска иновација и информатичка технологија на работата со предмети во адвокатските канцеларии и корпоративни правни служби. 

Илијанчо Гаговски, директор на Microsoft за Македонија

Трендот на технолошки развој и потреба од иновации се наметна во сите области, а денес се неминивност и за работите од делокругот на правото. За таа цел, Гаговски премиерно на оваа Конференција ја промовираше новата програма под име АСПЕКТАЛ. Преку демонстрација на конкретно користење на програмата присутните на Конференцијата ексклузивно имаа можност да се запознаат со софтверско решение кое ќе претставува префикс на иднината. Со изработката на оваа апликација на инспиративен начин и практичен метод се покажа како технологиите помагаат во одредувањето и управувањето со правните ризици, за кои ефикасноста, еспедитивноста и економичноста имаат енормно значење.

Оја Дениз Каваме, претставник на една од најуспешните адвокатски канеларија во Турција „Аксан & Аксан“ даде детален преглед на одредувањето и управувањето со правните ризици поврзани со конециските договори во Турција. Акцентот на нејзиното излагање беше ставен на правните формалности на договорите, условите под кои се склучуваат договорите и каква уставноправна позиција има јавниот интерес на Турција во контекст на овие договори.

Оја Дениз Каваме, адвокат во „Аksan & Аksan“

Беа напоменати и предностите што ги дава Турција во однос на инвестициите и кои економско-правни пунктови се привлечни за инвеститорите. Во таа насока, формата на договорите, почитувањето на сите фази на договорите, структурата на фазите за склучување на договорите со приоритетно согледување на спецификациите и тендерските формалности, како што подвлече адвокатката од Турција, се утврдени како критериуми низ кои е интегриран и јавниот интерес, но и почитувањето на интересите и  правата на приватните лица. За тоа од големо значење е и самата деловна етика но и превенцијата од непочитувањето на договорите. Ова, Каваме го аргументираше и со презентација на судски случаи од практиката, а кои се користат како искуства во применувањето на законските содржини од оваа правна провиниенција. 

Учесниците за Конференцијата за управување со правни ризици: Настан што треба да премине во традиција

„Одлична конференција, прекрасна идеја, честитки на Академик за организацијата. Навистина интересна конференција, за нас како практичари многу поучна. Беше добро да се слушнат искуствата на „Фрешфилдс“ од Лондон, како и другите предавачи. Очекувам и утрешната сесија да биде многу интересна , па ќе видиме.“ – Кристијан Поленак, управувачки партнер во адвокатското друштво „Поленак“. 

„Морам да кажам дека сум исклучително задоволна. Уште првиот пат кога слушнав дека се припрема ваква конференција ја поздравив одлуката, бидејќи е нешто што првпат се случува во Македонија. Нивото е навистина многу високо и искрено се надевам дека во иднина  ќе стане традиција да се организираат вакви настани кои имаат интернационален карактер со цел разменување на искуства и со колегите од соседството што е многу битно, бидејќи знаете како рекле: „двајца правници, три мислења“. Верувам дека утрешниот ден исто така ќе биде одличен и дека ќе излеземе со заклучоци за кои ќе се зборува. Искрено се надевам на подобрување на правната сигурност во нашето општество, правата и слободите, како и ризиците. – Снежана Калеска-Ванчева, партнер во адвокатското друштво „ДЕ ЛЕГЕ“

„Првиот ден од конференцијата беше навистина одличен, сум учествувал на најразлични конференции, меѓутоа оваа посебно пријатно ме изненади, преубава организација. Изборот на гостите е одличен, надвор е од сите клишеа. Предавачите преискусни во областите во кои работат, тие со нас споделија практично искуство од работењето, што за мене како адвокат има големо значење. Го поздравувам организирањето на конференцијата и се надевам дека ова ќе биде поттик следната година да имаме уште поголема конференција.“ – адвокат Димитар Панчевски 

„Воодушевена сум од денешниот настан, најпрво зошто првпат се одржува конференција од ваков калибар, а второ бидејќи беше навистина високопрофилна конференција. Досега никој не се нафатил вакво нешто да организира, со вакви врвни предавачи од регинот и светот. Особено ми остави впечаток излагањето на адвокатот Анто Нобило, исто така господинот Тим Џоунс. Со нетрпение го очекувам и утрешниот ден. – Ана Велковска, претседател на ЕЛСА.

„Конференцијата беше одлична, одлични гости, многу интересни за слушање. Мислам дека дури утре ќе биде поинтересно со апликативните примени на правото.“ – Дарко Кермичиев, правник во ТГС „Технички гасови“.

„Првпат сум на конференција од овој тип, мислам дека во иднина потребно е почесто на ваква тематика да се организираат конференции бидејќи во правниот дел, барем во досегашното мое искуство, многу малку се зборувало за ризици.“ –Вадимир Огњановски, директор за правни и општи работи во АД ЕЛЕМ.

Денешната конференција можам да кажам дека беше на ниво, јас сум многу задоволна. Искуствата, практиките кои ни беа пренесени беа воодушевувачки. – Ленче Добрашиновиќ, правник во Општина Ранковце

„Прекрасно! И време беше веќе некој да организира вакво нешто во нашиот регион. Предавачите беа на многу високо ниво. Се надевам и утрешниот ден ќе ги испони очекувањата.“ – Анета Лазова, правник во ЈП „Комуналец“ Неготино

„Конференцијата беше одлична, презадоволен сум од предавачите. Ретко во Македонија имаме прилика да слушнеме предавачи од овој калибар. Убаво е да се слушнат некои искуства и да се применат потоа во Македонија. Очекувам и утре да се продолжи во ист ритам и ова да премине во традиција.“ – адвокат Трајче Саздов.

„Јас сум првпат на конференција од ваков тип и сум презадоволен, првенствено бидејќи се здобив со нови сознанија за теми со кои не ми се толку познати, бидејќи работам во една друга бранша. Би било пожелно и другпат да се организираат вакви конференции со цел и ние да се стекнеме со поголеми искуства.“ – Бранко Витанов, ревизор во АД ЕЛЕМ.