/ Прочитано:

1.543

(ФОТО) „НЕ ЖИВЕЕМЕ, ПРЕЖИВУВАМЕ“ – Хонорарците денеска повторно излегоа на протест

Петок, 13 февруари 2015 – Денеска хонорарците повторно излегоа протест. Бараа повлекување на законските решенија со кои се воведува плаќање на придонеси за хонорарите. Велат дека законските измени за плаќање на придонеси за хонорарите се поигрување со човечките судбини. Лебот ни го земате, извикуваа тие.

На протестот можеа да се забележат новинари, актери, сликари, музичари, луѓе од невладиниот сектор, граѓански активисти и граѓани кои дошле само да им дадат поддршка на оние кои протестираат.

Со пароли „Не за државен рекет 35 отсто“, „Си играте со човечки судбини“, „Измените се анестезија, придонесите – ампутација“, „Измените на наш грб, а во ваша корист“, „Лебот ни го земате“, „Не сте свесни, и ние сме бесни“ и со извикувања „Ајдуци-лопови“, “Социјална правда” и “Заедно сме посилни”, тие го искажаа своето незадовоство, од како што велат, дискриминаторскиот и неуставен закон.

Тие бараат засилени инспекции на Инспекторатот за труд за да се отстранат случаите на прикриен работен однос и да се зголеми или укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од плата која сега изнесува шест просечни плати.

Потписниците на Повелбата за солидарност на протестот рекоа дека протестирараат против лошите закони и против манипулациите, игнорирањето, лагите и лажните ветувања.

Протестот на незадоволните хонорарци започна во паркот Жена Борец спроти Собранието на Македонија. Продолжи пред Министерството за труд, па пред Владата, а  заврши на слободната студентска зона во УКИМ, каде  им се даде поддршка на студентите.

Со последните законски измени на кои денеска се спротиставува граѓните, а кои Собранието ги усвои по предлог на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, вработените ќе плаќаат придонеси на сумите кои се повисоки од просечната плата (21.300 денари), додека невработените придонеси ќе плаќаат на разликата од својот хонорар и  минималната плата (9.590 денари). Најновите законски измени денеска стапија на сила.

M.B / veljanoskim@akademik.mk