/ Прочитано:

2.113

(ФОТО) НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР: Протести и судири пред Владата

Вторник, 5 мај 2015 – „Нема правда, нема мир“, „Оставка“, „Стоп за полициската бруталност“, извикуваа денеска пред Владата бројните граѓани кои се собраа во знак на револт по објавувањето на денешната „бомба“ на опозицијата во врска со убиството на Мартин Нешковски.

Државниот врв знаел за убиството на младиот Мартин Нешковски и се обидел да го прикрие и да го релативизира, обвини денеска  на прес конференција Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, повикувајќи се на снимените телефонски разговори.

Протестот започна во попладневните часови по завршувањето на прес конференцијата на опозицијата, а помеѓу граѓаните кои протестираа беа и мајката и братот на убиениот Мартин Нешковски.

Граѓаните упатуваа повици и кон полицајците да им се приклучат во протестот, велејќи им дека не треба да бранат, како што извикуваа – убијци. „Готово е, готово е“, извикуваа тие.

Потоа тие  почнаа со јајца и шишиња да фрлаат кон владината зграда и го пробија кордонот од полицајци, успевајќи да влезат во дворот на зградата. Симболично, ги спуштија знамињата пред зградата на Владата на половина копје.

Додека траеше протестот министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, која беше повикана од граѓаните да си даде оставка, на прес конференција рече дека објавените разговори се монтирани и дека за случајот постои судска пресуда.

Протестите кои започнаа мирно во попладневните часови, во вечерните часови беа тензични и завршија со судир помеѓу граѓаните и полицијата. Има и повредени. Од МВР велат дека со повеќе информации ќе излезат во текот на утрешниот ден.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

Фото: Ивана Батев