/ Прочитано:

1.733

(ФОТО) ТРЕТ СТУДЕНТСКИ ПРОТЕСТ: „Не нè бркајте од државата!“

Петок, 26 декември 2014 – Студентите по трет пат кажаа „НЕ“  за воведување на државниот испит во високото образование. Обединети со своите професори тие извикуваа: „Нема правда, нема мир“,  а на Владата ѝ порачаа дека не се насилници и дека на нивна страна се аргументите и Уставот.

„Ние сакаме и бараме корисни реформи, поддржани и подложни на анализи и јавна дебата. Ние бараме добри реформи. Стоп за лошите реформи“, изјавија претставниците на Студентскиот пленум за време на протестот.

Во знак на револт го фрлија Уставот на Република Македонија пред Владата.

„Го држам најмоќниот документ в рака и сите присутни студенти што имаат копија од Уставот нека го фрлат пред Владата, како новогодишни подароци, за да го научат бидејќи не го знаат“,  изјави претставничка од Студентски пленум.

Тие направија и мал перформанс читајќи го Крушевскиот манифест приспособен на нивната состојба.

На студентите им се придружија стотици професори кои денеска формираа Професорски пленум.

Денеска и Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ донесе заклучок со кој му предлага на Министерството за образование и наука да се заложи пред овластените предлагачи за повлекување на предложените законски решенија поврзани со високото образование од собраниска процедура. На документот се потпишани ректорот, проректорите и уште 23 декани и директори на институции што присуствувале на состанокот.

Ставот на Владата е дека државниот испит ќе овозможи поквалитетен високообразовен кадар и оти студентите што учат нема да имаат проблеми при полагањето. Предлог–законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование, утрово помина на првото читање на собраниската Комисија за образование.

Ви пренесуваме дел од атмосферата:

(ФОТО: Наке Батев)