/ Прочитано:

627

Француско обвинителство: Официјално обвинение против Саркози – сомнеж за корупција и влијание врз судството

Среда, 2 јули 2014 – Француското обвинителство подигна официјално обвинение за корупција на поранешниот француски претседател Никола Саркози. Поранешниот шеф на државата е обвинет за давање на поткуп, злоупотреба на службената положба и влијание врз судството.

Како што соопшти државното обвинителство, тој се обвинува и за недозволено влијание врз судството. Истражен судија рано утринава му ги соопштил овие информации на поранешниот претседател.

За адвокатот на Саркози и за уште еден висок судски функционер постои сомневање дека на Никола Саркози му доставувале доверливи информации поврзани со случајот „Бетанкур“.

Саркози ги негира обвинувањата. Според законот на Франција, да се биде под официјална истрага значи дека „постојат сериозни и цврсти докази“  за најверојатна вмешаност на осомничениот во недозволени дејствија.

Ваквата одлука е донесена после 15 часовното испитување на Саркози, што е прв случај поранешен француски шеф на државата да се одведе во притвор заради кривична истрага.

Истражните органи се сомневаат дека Саркози (59) заедно со неговиот адвокат Тиери Херцог, кој беше сослушуван вчера, се обидел нелегално да обезбеди информации од судија за истрага која се води против него, и поради сомнение дека во друг случај му е кажано дека му е прислушуван телефонот во потрага по наводи за нелегално финансирање на неговата претседателска кампања од страна на поранешниот либиски диктатор Моамер Гадафи.

Во снимените разговори, инспекторите, наводно слушнале дека Херцог добил информација од страна на судија за текот полициска истрага во однос на тоа дали или не Саркози, исто така, прифатил нелегални средства за кампањата од најбогатата жена во Франција, наследничката на „Лореал“, Лилијан Бетенкур.

Вчера на сослушување беа повикани и двајца судии. Адвокатот на Саркози и судиите се сомничат за противзаконито посредување и повреда на службена тајна за што француското зкаонодавство предвидува максимална затворска казна од 10 години.

Ова не е првпат во историјата на Франција, поранешен претседател да се соочи со законот. Неговиот претходник Жак Ширак, во 2011 година беше прогласен за виновен за финансиски малверзации поврзани со времето кога  бил градоначалник на Париз при што му беше изречена условна затворска казна.

Случајот може да биде катастрофален за надежите на Саркози за враќање на политичката сцена на следната претседателска кампања во 2017 година.