/ Прочитано:

1.863

ГЕРМАНСКИ И ЧЕШКИ ИСКУСТВА ЗА СУДСКОТО ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ: Управните судии на советување за изборното законодавство

Денеска во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (IRZ), се одржа советување на тема „Изборен законик“.

akademik foto 1

На советувањето присуствуваа судии и судски соработници од Вишиот управен суд, од Управниот суд, како и претставници од Државната изборна комисија. На советувањето свои излагања имаа Загорка Тноковска, судија во Вишиот управен суд, д-р Војтек Симичек, судија во Уставниот суд на Република Чешка и д-р Дитер Хеминг, поранешен судија на Сојузниот уставен суд во Германија.

На почетокот на своето излагање, судијката Загорка Тноковска даде општ осврт на измените на Изборниот законик, акцентирајќи ги измените во однос на Кодексот за фер и демократски избори, за изборот на Државната изборна комисија, за извештајот што го поднесува Министерството за финансии како значајна промена, потоа, за застапеноста на жените на кандидатските листи за што подвлече дека е од исклучително значење, што се покажало и од праксата во однос на доследноста и законитоста на предложените кандидатски листи.

akademik foto 1

Судијката Тноковска ги елаборираше и прашањата за гласањето на дијаспората, за сумирањето на резултатите од гласањето, за медиумското претставување и медиумското пренесување на медиумските кампањи, за заштитата на изборното право во кој дел се скратени роковите, за начинот на гласање за кој постои одлука на Уставниот суд дека е противуставно користењето фломастер за обележување на гласачот, како и за прекршочните одредби каде што во одредени одредби има намалување, но и зголемување на казните.

Во таа смисла, а во врска со излагањето на судијката Тноковска, на советувањето стана збор за надлежноста на Управниот суд во изборниот процес, за заштитата на избирачкото право во постапката на евиденција на избирачкото право, за приговорите и тужбите во изборниот процес, за постапувањето по поднесено барање за време на јавниот увид, за роковите за одлучување на изборните органи и за роковите за одлучување на Управниот суд.

akademik foto 1

„Против решението на ДИК, односно ОИК и Изборната комисија на Град Скопје може да се поднесе тужба во рок од 24 од приемот на решението. Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 24 часа од приемот на тужбата“, посочи Тноковска.

Судијката дополнително се осврна и на прашањата за приговор за финансирање на изборната кампања, за заштитата на избирачкото право, за постапката за заштита на избирачкото право на подносителите на листи и за постапката за заштита на избирачкото право на избирачите.

Таа укажа дека секој подносител на листа во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршување на гласањето односно  објавување на првичните резултати. ДИК одлучува во рок од 48 часа од приемот на приговорот. Понатаму, може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 48 часа од приемот на одлуката, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа од приемот на тужбата.

akademik foto 1

Тужбата до Управниот суд, нагласи Тноковска, подносителот ја заснова на основот и врз наводите истакнати во приговорот по кој е донесена првостепената одлука.

„Исто така, секој избирач на кого му е повредено личното избирачкото право во постапката на гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа. ДИК одлучува во рок од 4 часа. Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд одлучува во рок од 48 часа од приемот на тужбата“, истакна Тноковска.

Судиите Симичек и Хеминг во своите презентации говореа за судското преиспитување на изборите во Република Чешка и во СР Германија.  Пренесувајќи ги своите искуства како судии, тие дадоа  осврт на правните механизми за уставносудската заштита на избирачките права, но и на самиот избирачки процес.

akademik foto 1

Во таа смисла, судиите посочија дека уставните судови на Германија и Чешка можат да ги преиспитуваат изборите и со тоа да бидат заштитници на законитиот избирачки процес, како и на избирачките права на граѓаните. Тие нагласија дека Уставниот суд треба да биде во функција на заштита на владеењето на правото, а со тоа и на законитото спроведување на изборните процеси. Почитувањето на таквите вредности е поткрепа на демократските и уставни темели и поредок на една земја и затоа на можностите за преиспитување на изборите треба да се гледа како кон придобивка во ефикасноста на спр4оведувањето на целите на правната држава.

„Во Германија постои можност да се оспорат изборите пред Уставниот суд и досега вкупно биле поднесени 300 жалби за парламентарните избори. Во голем дел тие жалби биле прифатени, но ниту една не резултирала и не влијаела на избирачкиот исход и процес, но затоа, пак, влијаела на изборното право“, истакна германскиот судија Хеминг.

Чешкиот уставен судија д-р Војтек Симичек, нагласи дека имало случаи на преиспитување на изборите и пред Уставниот суд на Чешка. Во таа насока, тој посочи два такви случаи  кои се однесувале на доселувањето на граѓаните пред изборите и поткупот.

akademik foto 1

„Меѓутоа, ваквите случаи беа изолирани, но, сепак, она што е важно за Уставниот суд е што тој секогаш, без разлика дали се работи за изолирани случаи, треба да биде заштитник на правата на граѓаните, особено на нивните избирачки права. Од тие причини и Уставниот суд одлучува за такви ситуации“, рече чешкиот уставен судија.

Тој нагласи дека е најважно за еден избирачки процес да биде слободен и дека многу прашања зависат од политичката култура затоа што некои прашања, едноставно, како што акцентираше, не се во домен на судството и тоа  не може да ги реши.

М.В