/ Прочитано:

1.276

Градоначалници и граѓани пред Кривичниот суд со поддршка за Владимир Талески

Трајановски додаде дека сакаат да искажат и револт кон Специјалното јавно обвинителство, за кое сметаат дека има селективен пристап во обработката на предметите и во начинот на кој работи бидејќи, наместо да поведува обвиненија врз основа на докази, ова обвинителство јавно ги осудува и им пресудува на луѓето од само една политичка партија, од ВМРО-ДПМНЕ.

ГДОМ пред Суд

Ние сме тука да му дадеме поддршка на Владимир Талевски бидејќи сметаме дека е успешен градоначалник кој има добиено три мандати од битолчани и кој има направено многу за Општина Битола. Ние за него бараме во една редовна судска постапка да си ја докаже својата невиност. Ова денеска пред комплексот судски згради во Скопје го истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

„Ако го гледаме случајот на Талески, од она што го слушаме во медиумите, ќе видиме дека и други градоначалници од други политички партии неколкупати поскапо плаќале за превоз отколку што бил плаќан превозот во Битола, затоа не треба да се има селективен пристап. Државата има институции. Тие институции треба да функционираат. Си има судови кои имаат свој легитимитет и треба да оставиме тие во редовна постапка да докажат дали е некој виновен или не е виновен. Вака, со вршење притисоци, сметаме дека се продлабочува кризата во Република Македонија“, рече Трајановски. Тој истакна дека поддршка на Талески му даваат 70 отсто од градоначалниците кои денеска биле присутни на собирот.

Трајановски додаде дека сакаат да искажат и револт кон Специјалното јавно обвинителство, за кое сметаат дека има селективен пристап во обработката на предметите и во начинот на кој работи бидејќи, наместо да поведува обвиненија врз основа на докази, ова обвинителство јавно ги осудува и им пресудува на луѓето од само една политичка партија, од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сметаме дека ова не е добар начин, туку, напротив, секој оној кој се огрешил од правдата, кој има направено криминал, треба да одговара, но во една редовна судска постапка. Треба да се остават судовите да си ја завршат својата работа. СДСМ, покрај врз СЈО кое веќе работи по негови нарачки, сега прави притисок и врз Основниот суд Скопје 1 за да донесе одлуки кои нему му одговараат“, рече Трајановски.

Покрај градоначалниците, поддршка на Талески му даде и здружението ГДОМ.

Тони Михајловски истакна дека нивната порака до Судот е дека не треба да постојат двојни аршини и дека судот не треба да се плаши од притисоци.

„Народот ја поддржува борбата против криминалот, но пред сè оние кои навистина се огрешиле пред законот да бидат ставени таму каде што им е местото, во соодветни институции, а потоа да видиме како ќе ја делиме правдата бидејќи правдата не се дели од средината, туку од почетокот. Ние сме сите за слободно судство и овде сме да им дадеме поддршка на судиите и да им порачаме да не се плашат од никого“, рече Михајловски.

Александар Климовски во својот говор истакна дека СЈО преку голем број кривични пријави сака да ја девалвира работата на судството и неговото законско работење. Според него, Специјалното јавно обвинителство е парадржавен орган и тумор во правосудниот систем.

Претставниците на ГДОМ до Кривичниот суд доставија Декларација, како што рекоа, за поддршка на судиите да не судат под притисок. Како што истакна Александар Пандов, кој беше еден од говорниците, судиите на овој начин добиваат целосна поддршка да не носат одлуки под притисок, но предупреди и дека доколку трендот продолжи, граѓаните ќе го бараат одговорот на овие прашања уште погласно и помасовно.

Инаку, Кривичниот суд во четвртокот донесе решение со кое му определи куќен притвор на градоначалникот Талески кој е првоосомничен во предметот на СЈО, „Транспортер“ поради злоупотреба на 360 илјади евра за организирање на училиштен превоз во Општина Битола.

Според последните информации, СВР Битола го добила решението од Кривичен и Талески од попладнево е во куќен притвор.

Одбраната на Талески го обжали решението на Кривичниот суд и по предметот треба да одлучува Апелациониот суд.

Реакција на Кривичниот суд за денешните протести

Судот досега се произнесол дека демократско право на секој граѓанин на Република Македонија е да го изрази своето незадоволство преку јавен протест.

„Овој суд и досега ги осудувал насилните протести, јавните настапи како и обидите преку закани кон судии со водење кривични постапки и кривични пријави против истите за нивното искажано мислење во судска одлука што е неприкосновено уставно и со закон загарантирано право на судиите своето мислење да го искажат во својата одлука“, се наведува во реакцијата на Судот.

М. С.