/ Прочитано:

1.112

Граѓаните се жалат на квалитетот на телекомуникациските услуги и на висината на сметките

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) решавала деветстотини и осумнаесет спорови на корисници на телекомуникациски услуги во периодот од јануари до декември минатата година.

slika

Според АЕК, граѓаните најмногу се жалат на висината на сметките и на квалитетот на услугите. Бројот на поплаки за висината на сметките драстично се намалил откако им се наложи на операторите да ги известуваат корисниците кога се во роаминг и кога ќе достигнат сума од 1 000 денари да им се исклучува конекцијата.

Податоците на Секторот за заштита на правата на корисниците на АЕК покажуваат дека најмногу спорови, 20,2 %, се однесуваат на говор во мобилната телефонија, по што следуваат 18,1 % на мобилен интернет, 6,4 % за ДВБ­Т, 5,5 проценти на говор во роаминг, 5,3 % на кабелска телевизија, 4,6 % за ИПТВ. За интернет преку фиксна телефонија отпаѓаат 4,2 %, за говор во фиксна – 2,9 %, а за преносливост на број – 1,9 %. Од вкупниот број спорови, 50,7 % или 448 барања за решавање спор се за услуги од Оне.вип, 41,7 % или 369 барања за решавање спор на Македонски телеком, а 7,6 проценти за спорови со останатите оператори.

Најголем број од приговорите на корисниците на Македонски телеком се за говор и за интернет во мобилната мрежа, 24,1 %, односно 13,3 %, а кај Оне.вип, пак 24,3 % за интернет во мобилната мрежа и 20,1 % за говор во мобилната мрежа. Од споровите на корисниците со Оне.вип целосно или делумно се усвоени 20,5 %, во тек на решавање се 10,7 %, а отфрлени се 54,5 %.

Од споровите, пак, со Македонски телеком, за 14,2 % се изготвени решенија за усвојување или за делумно усвојување, во тек се 19,1 %, а отфрлени се 47,8 %. За 13,4 % од приговорите постапката е запрена.

„За поплаки за услуги од областа на телекомуникациите граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 190 на АЕК и преку веб-страницата www.komuniciraj.mk. Покрај доставување барања за решавање спор, граѓаните имаат можност и за телефонска консултација со службите на АЕК, како и да добијат правни совети за заштита на нивните права“, истакнуваат од АЕК.