/ Прочитано:

1.075

Грција гласаше дали да ги прифати предлозите на меѓународните кредитори

Недела, 5 јули 2015 – Во Грција денеска се одржа референдум на кој грчките граѓани се изјаснуваа за предлозите на меѓународните кредитори. Референдумот беше организиран по неуспешните преговори меѓу владата на Алексис Ципрас и претставниците на Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Грчките граѓани гласаа дали да ги прифатат или да ги отфрлат новите предлози на кредиторите за реформи во замена за финансиска помош. Според проценките, непосредно пред истекот на гласањето, одѕивот на избирачите бил околу 65 отсто, исто како и на предвремените парламентарни избори, одржани во јануари годинава. Неопходниот одѕив на гласачите од 40 отсто, за да биде денешниот референдум во Грција валиден, бил достигнат, јави ДПА.

Избирачките места беа отворени во 7 часот се затворија во 19 часот по локално време. Првите официјални резултати се очекуваат подоцна вечерва.

­Последните истражувања на јавното мислење спроведени за време на референдумот и две излезни анкети по затворањето на избирачките места, покажуваат дека мнозинството Грци кои излегле на избирачките места ја заокружиле опцијата „не“ и дека води гласот „против“ предложените мерки за штедење.

­„Денешното гласање и дава надеж на Европа дека заедничката валута и демократијата можат опстојуваат истовремено“, изјави грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис.

Германскиот министер за финасии Вофганг Шојбле за весникот Билд, изјави дека на Грците им е даден избор да го задржат еврото или пак привремено да останат без него.

За утрешниот ден најавено e дека претседателот на Франција и германската канцеларка, Франсоа Оланд и Ангела Меркел, ќе се сретнат во Елисејската палата во Париз, за да разговараат за Грција.