/ Прочитано:

1.405

Груевски: Заев ме уценуваше со противуставно стекнат материјал

Сабота, 31 јануари 2015 – Премиерот Никола Груевски во денешното обраќање до јавноста по повод кривичната пријава против лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека лидерот на опозицијата барал итно формирање на техничка влада заканувајќи му се со снимени телефонски разговори, прибавени од странска разузнавачка служба, речиси од цел државен врв, тргнувајќи од претседателот на државата, парламентот, владата, медиумите и други политички јавни лица од власта и опозицијата.

Според Груевски, од септември до ноември четири пати се сретнал со Заев. На тие средби, како шт рече, бил уценуван со незаконски прибавени материјали, но дека тој не прифаќа закани, уцени и местенки.

„Тој раскажа неколку телефонски разговори за кои констатиравме дека дел се точни, дел половично точни и дел неточни. Сепак, фактот дека дел од нив беа точни укажуваше на сериозноста на ситуацијата. Во наредни денови и недели почна јавно да говори дека поседува таков материјал, што ја засили заканата за нас и кон нас, дека ако не прифатиме формирање на техничка влада ќе го објави материјалот. Го слушав шефот на македонската опозиција со каква гордост самоувереност и возвишеност ме информира дека странска разузнавачка служба го снабдила со нелегално и противзаконски, противуставно стекнат материјал, делумно монтиран, со цел да оствари некоја своја цел. Не можев да верувам дека човекот кој сака да ја води државата не крие дека соработувал со странски разузнавачки служби. Рече дека со нив имал серија средби и пак побара техничка влада. За сето ова што го говорам постојат цврсти и непобитни докази. Поднесена е кривична пријава, меѓу кои и за лицето ЗЗ за „шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни организации“, рече Груевски.

На обраќањето не беа дозволени новинарски прашања, но премиерот најави дека ќе одговорел на сите прашања во судска постапка.

„Ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и меѓународната јавност и ве повикувам да го следите случајот и да ги гледате доказите, да ги препознаете шпекулациите. Од денес ќе слушате секакви шпекулации, но вистината за се ќе излезе на виделина“, истакна Груевски.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е еден од четирите лица осомничени во полициска акција „Пуч“, соопшти денеска МВР. Првоосомничен е екс директорот на ДБК, Зоран Верушевски. Заев се сомничи за насилство спрема претставници на највисоките државни органи стoрено во обид, додека Верушевски за шпионажа и помагање на насилство врз државни функционери.

>>  Заев: Дрзок и безобразен обид на власта да спречи објавување на докази  >> МВР ги сомничи Заев и Верушевски за пуч