/ Прочитано:

1.698

ХАЏИСКИ: На облеката имав крв, но не се сеќавам дека сум ја убил Мери

Понеделник, 26 октомври 2015 – „Се сеќавам дека отидов кај Мери дома. Ме замоли да направам дупки на една нејзина чанта и извади кујнски нож, а јас го носев мојот нож, кој секогаш го носев со себе кога разнесував цигари. Пиевме кафе и вотка, не знам колку испивме. Почнавме да се расправаме. Таа ми се закануваше дека ќе раскажела оти е бремена од мене и дека има чичко кој работи во полиција и дека ќе ме обвинат дека сум ја силувал. Што е многу глупаво бидејќи лесно се докажува татковство, а воедно јас во тоа време имав врска со друга девојка. Потоа не се сеќавам ништо. Следното нешто што паметам е  дека се разбудив дома, и не можев да дишам,  па излегов надвор на воздух. На алиштата имав крв, но мислам дека ги ставив за перење“.

Држејќи бројаница во своите раце, со мирен и сталожен глас, Миле Хаџиски, обвинет за убиството на Мери Јошевска што пред 22 години се случи во скопски Аеродром,  денеска во судница ја раскажа својата верзија на настаните. За време на изнесувањето на одбраната неколку пати нагласи дека е „најголемиот грешник“ во судската сала, но истовремено тврдеше дека имало пропусти во истрагата и дека никогаш не можел да докаже дека не ја убил Јошевска. За клучните моменти, во интервалот во кој според Обвинителството се случило убиството, тој наведе дека не се сеќава.

Според обвинението, на 18 јуни 1993 година Хаџиски на свиреп начин и од користољубие со умисла ја убил Јошевска (21). Тој дошол во домот на Јошевска во скопски Аеродром околу 10 часот утрото со цел да пијат кафе. Муабетот набргу прераснал во кавга. Потоа, според обвинението, тој најпрвин почнал да ја дави Јашевска,  а потоа со кристален пепелник ја удрил еднаш по десното рамо и двапати по главата. Потоа со кујнски нож, кој го носел со себе и задал десетици убоди во градниот кош. Тој исто така употребил и нож, што го нашол во станот, па продолжил да ја боде. Истрагата утврдила е дека секој од 40-те убоди сам по себе не бил смртоносен и дека жртвата очајнички се бранела, но, за жал, не успеала да се одбрани. Таа поради внатрешно и надворешно крвавење, кое настанало како резултат на добиените повреди, починала на самото место. Во обвинението исто така се наведува дека Хаџиски пред да си замине од станот на Јошевска земал златен накит од домот на Јошевска кој истиот ден се обидел да го препродаде на Бит-пазар, но неуспешно. Вчерта излегол со пријатели во кафуле каде бил уапсен.

„Веќе сум осуден од јавоста. Што и да кажам ќе биде против мене. Пред 22 години сум кажал некои работи, но под присила“, ја започна 43-годишниот Хаџиски  својата одбрана.

Наведе дека кобнниот ден  отишол кај Јошевска, за да му даде пари за набавка на цигари, кои што ги препродавал во скопските кафулиња, но таа наместо пари му дала прстен да го заложи. Со Јошевска, како што рече, се знаеле околу две месеци и биле во добар другарски однос. Со себе носел акт ташна, во која чувал нож бидејќи му било страв некој да не му ги украде парите кои ги заработувал продавајќи цигари во кафулињата.

„Се сеќавам дека отидов кај Мери дома. Ме замоли да направам дупки на една нејзина чанта и извади кујнски нож, а јас го носев мојот нож, кој секогаш го носев со себе кога разнесував цигари. Пиевме кафе и вотка, не знам колку испивме. Во еден момент почнавме да се расправаме. Таа ми се закануваше дека ќе раскажела оти е бремена од мене и дека има чичко кој работи во полиција и дека ќе ме обвинат дека сум ја силувал. Што е многу глупаво бидејќи лесно се докажува татковство, а воедно јас во тоа време имав врска со друга девојка. Потоа не се сеќавам ништо. Следното нешто што паметам е  дека се разбудив дома, и не можев да дишам,  па излегов надвор на воздух. На алиштата имав крв, но мислам дека ги ставив за перење“, раскажа Хаџиски.

„Долго време бев убеден дека сум го сторил убиството, ама сега сфаќам дека има некоја друга позадина“

Хаџиски наведе дека не се сеќава што станало со ножот кој тој го носел со себе, ниту, пак, дали тој имал повреди на своето тело и крв на рацете. Негираше дека воопшто украл накит и дека се обидел да го препродаде. Тврди дека полициските записници не се точни и дека ги потпишал под присила.

„Вечерта полицијата ме пронајде и ме уапси. Чудно е како полицијата знаеше дека сум во тоа кафуле, со оглед дека во тоа време во Скопје имаше повеќе кафулиња отколку колонијални продавници. Под присила, ги потпишував сите записници. Јас долго време бев убеден дека сум го сторил убиството, ама сега по толку години сфаќам дека има некоја друга позадина“, рече тој, но не знаеше да одговори на прашањето на судијката за каква „позадина на случајот“ зборува.

На прашање на судскиот совет, објасни дека последниве две години станал побожен, откако во затворот во Франција го посетил романски свештеник.

„Мајка ми вели дека треба се борам, но јас во моја одбрана ништо не можам да кажам. Сакам да истакнам сум најголемиот грешник во салата и молам Господ да ми прости“, рече Хаџиски.

Петнаесет години во француската Легија на странците

Една година по убиството, во 1994 година, тогашниот Окружен суд во Скопје го осуди Хаџиски на 15 години затвор, но тој се жалеше на пресудата и поради одредени пропусти во истрагата, предметот беше вратен на повторно судење. Тогашната регулатива не дозволуваше притворот да биде подолг од 90 дена, па Хаџиски беше пуштен да се брани од слобода, но по неколку рочишта,  избега од земјава. Судењето продолжи во негово отсуство по што беше осуден на 20 години затвор.

Хаџиски  во меѓувреме поминува петнаесет години во француската Легија на странци каде добил и нов идентитет, неговото ново име е Зоран Томановиќ. Под името Томановиќ ја запознава својата сопруга со која има две деца во Франција. Во 2002 година се здобива со француско државјанство, а пред неколку години го апсат во Швјацарија под сомнение дека е дел од криминалната група „Пинк Пантер“, но успева да побегне од тамошниот затвор и повторно да се врати во Франција каде го апсат и го екстрадираат во Македонија.

Според тврдењата на Хаџиски, неговата сопруга дознала дека тој е всушност Миле Хаџиски од Македонија по апсењето во Швајцарија, бидејќи според договорот со Легијата на странци не смеел да го оддава својот вистински идентитет.

„Не знам дали сте почувствувале, но кога еднаш ќе влезеш во лага, продолжуваш со лаги. За сопругата и децата бев Зоран Томановиќ…“, и’ се обрати тој на судијката.

Хаџиски тврди дека додека бил во Франција никогаш не контактирал со своите најблиски, а за Легијата дознал при првото апсење, додека бил во притвор во Идризово. Според неговите зборови, од 95 година до 2003 немал никаква информација дека има потерница против него, повторена постапка и пресуда.

„Затоа ми беше многу криво што медиумите објавуваа дека 15 години сум бил со повеќе различни идентиети и сум се бавел со криминал, а јас всушност се бавев со хуманитарна работа помагајќи им на луѓе од воени подрачја. Во Швајцарија ме обвинија дека наводно сум учествувал во некој грабеж и не знам што се случува со таа постапка бидејќи избегав во Франција. Сметав дека од Франција нема да ме екстрадираат во поради воени заслуги и поради тоа што нивни државјанин. Се разочарав од француската Влада“, рече Хаџиски.

Новото судење во Основниот суд Скопје 1 беше одобрено по барање на Хаџиски по неговата екстрадирање. За следното рочиште закажано за 18 ноември, одбраната побара од судот да достави покани и да ги повика во улога на сведоци родителите на Јошевска, кои денеска не се појавија на судењето. Се очекува во улога на сведоци да бидат сослушани и вешти лица, но и пријатели на Хаџиски.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk