/ Прочитано:

1.649

Хаџиски тврди дека е „жртвен јарец“ — обвинителството бара максимална казна

Среда, 9 декември 2015 – Миле Хаџиски, обвинетиот за убиството на Мери Јошевска, која пред 22 години беше брутално убиена во својот дом, во завршен збор рече дека не е извршител на монструозниот чин, туку дека е „жртвен јарец“. Одбраната, пак, тврдеше дека тој бил непресметлив за време на убиството и дека има многу пропусти во истрагата, а Обвинителството побара максимална казна.

Судењето  против Миле Хаџиски, обвинет за  убиството на Мери Јошевска, која пред 22 години беше брутално убиена со 40 убоди од нож во својот дом во скопски Аеродром, денеска продолжи со завршни зборови.

Oбвинителство: Секој од 40-те убоди сам по себе не бил смртоносен, жртвата очајнички се бранела

Обвинителството, детално опишувајќи го убиството, побара максимална казна за Хаџиски. Обвинителката како што наведе, на 18 јуни 1993 година Хаџиски на свиреп начин и од користољубие со умисла ја убил двесет и едногодишната Јошевска, а потоа украл накит од нејзиниот дом. Според обвинителството, тој најпрвин почнал да ја дави Јошевска, при што и ја скршил подјазичната коска, а потоа со кристален пепелник ја удрил еднаш по десното рамо и двапати по главата. Потоа со кујнски нож, кој го носел со себе и задал десетици убоди во градниот кош. Тој исто така употребил и нож, што го нашол во станот, па продолжил да ја боде. Истрагата утврдила дека секој од 40-те убоди сам по себе не бил смртоносен и дека жртвата очајнички се бранела, но, за жал, не успеала да се одбрани. Таа поради внатрешно и надворешно крвавење, кое настанало како резултат на добиените повреди, починала на самото место.

„Од сите изведени докази се докажа дека со умисла, на свиреп начин и од користољубие ја лишил од живот… Миле Хаџиски го сторил делото и треба да се прогласи за виновен. Притоа судот треба да ги цени олеснителните и отежнителените околности, кои доминираат – зголемениот број на вакви дела, неговата упорност, тоа што одзел млад живт… Додека олеснителни околности се само тоа што и тој бил млад за време на убиството и што е родител. Но, бега од Македонија со цел да ја избегне кривичната одговорност. Барам судот да му изрече најстрога казна“, рече обвинителката.

Мајката и сетрата на Мери, како оштетени во постапката, рекоа дека правдата конечно треба да го каже своето.

Одбрана: Хаџиски бил непресметлив – убиството не било сторено со умисла и од користољубие

Тројцата адвокати на Хаџиски, Стеван Павлевски, Јован Митриновски и Милан Гелевски, побараа ослободување на нивниот клиент бидејќи, како што рекоа, не се докажало обвинението. Секој одделно од нив се осврна на различни аспекти од случајот.

Според Павлески, кој се осврна на истрагата, не била утврдена точната фактичка состојба, при вршењето на увидот имало голем број пропусти, не било испитано што има во шишето кое стоело на масата кај што се случило убиството, а на кое пишувало дека е вотка. Тој исто така наведе дека не било испитано дали кај убиената имало присуство на наркотици. Како што рече, не биле земени отпечатоци и од многу места од местото на убиството.

„Затоа баравме да се сослуша судијката која го вршела увидот, како и да се сослушаат вештаците, но ова барање ни беше одбиено. Свесно се привилегира јавниот обвинител. Судот директно се замеша во концептот на одбраната. Грубо е прекршен принципот на еднаквост на оружјето“, истакна Павлески.

Митриновски зборуваше за психичката состојба на Хаџиски за време на убиството. Според него,  судот не го расчистил овој апспект кој е круцијален со тоа што одбил да ги сослуша вештаците. Според Митриновски, Хаџиски бил непресметлив за време на убиството.

„За да го прекине конфликтот со убиената сакал да замине, но бил вратен од страна на убиената. Здобиениот удар во половиот орган, му го прекинало рационалното размислување, тој афект ја блокирал неговата свест и предизвикал непресметливост. Факт е дека обвинетиот западнал во непресметлива состојба и во таква состојба не постоела  способност за правилно расудување обвинетиот да управува со своите дејствија… Добрите односи кои двајцата ги имале претходно не укажуват на мотив дека имала умисла да ја лиши од живот“, рече Митриновски.

Адвокатот Гелевски, пак, наведе дека не се докажало дека обвинетиот не сторил убиство од користољубие, дека тоа не е докажано, и побара од судот да не ја прифаќа оваа квалификација.

Хаџиски: 99 отсто сум сигурен дека не сум извршител на монструозниот чин

Хаџиски во својот завршен збор изрази сочувство кон семејството на Јошевска, но не призна дека го извршил убиството.

„Мери повеќе не е меѓу нас, не можам да ви ја опишам мојата тага и болка и товарот со којшто сум живеел сиве овие години. Кога би можел, би го заменил своето место со неа. Ги разбирам тешките зборови на нејзиното семејство упатени кон мене. Знам дека тие се убедени дека јас сум злосторникот, дека сум ги ограбил и дека сум отишол да пијам во кафеани, дека моето семејство го промениле законот во тоа време, само да ми се овозможи да се бранам од слобода. Ги убедија истите луѓе што ме пречекаа во полициска во 1993 година со зборовите ‘Ти ли си од Хаџиски?’ Ме присилија на различни начини да потпишам десетици документи со кои го напишаа црното сценарио, со кои ми ја дадоа главната улога и ме убедија дека јас сум го сторил убиството. Ме убедија да ја напуштам државата со заплашувања и со фотографии од весници од претепани затвореници“ рече обвинетиот.

Во 1995 година, според него, по неговото излегување од затвор  почнал бунт во затворот „Идризово“.  Истоте луѓе, кои не ги именуваше, како што рече, го убедиле дека бунтот се дигнал поради неговото ослободување и му покажувале фотографии од претепани затвореници, кои би го претепале доколку се врати во затвор.

„Тогаш бев млад и наивен. Тие сакаа да ја напуштам државата, а со тоа автоматски како да сум ја признал вината. Кога дознав дека сум осуден во отсуство, не затоа што не сакав, не можев да се вратам поради договорот со Легијата за странци. Веќе бев и постар и поискусен и знаев дека никој нема да може да ја најде вистината, дека веќе сум жртвен јарец. Не ми е криво што сум во затвор затоа што во последниве три-четири месеци дознав од мојата мајка ми и моите адвокати и 99 отсто сум сигурен дека не сум извршител на монструозниот чин. Ако било така, немало да има такви присилби кон мене во тоа време, многу пропусти и фалсификати“, истакна Хаџиски.

Тој и денеска зборуваше за вербата во Господ и дека во последниве две години ја почнал борбата против внатрешните страсти.

„Бев горд, алчен, самољубец… Му благодарам на Господ што ќе дозволи да излезам од затворот кога ќе бидам подобар човек. Не барам ништо за мене, барам само Господ да ми ги прости гревовите, јас сум најголемиот грешник не само во оваа судница, туку во целиот свет“, рече Хаџиски.

„Тврдат дека сум бил добар сопруг и татко. Мојата сопруга, доставила некое писмо, но не ја гледам тука. Да бев добар ќе беше тука. Многу признанија и заслуги добив од мојата втора татковина Франција, но не гледам дека тука е некој од Амбасадата на Франција“, додаде тој.

Судот го закажа изрекувањето на пресудата за понеделник, 14 декември.  

Една година по убиството, во 1994 година, тогашниот Окружен суд во Скопје го осуди Хаџиски на 15 години затвор, но тој се жалеше на пресудата и поради одредени пропусти во истрагата, предметот беше вратен на повторно судење. Тогашната регулатива не дозволуваше притворот да биде подолг од 90 дена, па Хаџиски беше пуштен да се брани од слобода, но по неколку рочишта,  избега од земјава. Судењето продолжи во негово отсуство по што 1997 година беше осуден на 20 години затвор.

Хаџиски  во меѓувреме поминува петнаесет години во француската Легија на странци каде добил и нов идентитет, неговото ново име е Зоран Томановиќ. Под името Томановиќ ја запознава својата сопруга со која има две деца во Франција. Во 2002 година се здобива со француско државјанство, а пред неколку години го апсат во Швјацарија под сомнение дека е дел од криминалната група „Пинк Пантер“, но успева да побегне од тамошниот затвор и повторно да се врати во Франција каде го апсат и го екстрадираат во Македонија.

>> СУДЕЊЕ – ХАЏИСКИ: „Десет адвокати можат да го бранат, ама божјата рака ќе го стигне“ — мајката на Јошевска  >> ХАЏИСКИ: На облеката имав крв, но не се сеќавам дека сум ја убил Мери Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk