/ Прочитано:

1.047

ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ: Дискриминaција e само пензионирани судии, обвинители, професори и адвокати да бидат членови на Советот за утврдување на факти

Петок, 20 март 2015 – На 11 февруари 2015 година, Собранието на РМ во скратена постапка го усвои Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

Според Хелсиншкиот комитет, донесувањето на овој закон, кој е донесен и без стручна и јавна расправа, е спорно од три аспекти.

Улогата на Советот за утврдување на факти да отфрла иницијативи е во спротивност со амандманот XXIX на Уставот на РМ

„Прво, можноста Советот за утврдување на факти да отфрла иницијативи и таквата негова одлука да е конечна е во спротивност со амандманот XXIX на Уставот на РМ во кој е утврдено дека дел од надлежностите на Судскиот совет на РМ се да ја следи и оценува работата на судиите и да одлучува за нивната дисциплинската одговорност. Имено, Судскиот совет на РМ нема да биде во можност да ги разгледува отфрлените иницијативи со што претставките против голем број на судии ќе завршуваат пред Советот за утврдување на факти. Ваквата улога на Советот за утврдување на факти е неуставна, имајќи предвид дека овој орган, за разлика од Судскиот совет на РМ, не е предвиден во Уставот на РМ. Како резултат на овој закон ќе се суспендираат дел од уставните надлежности на Судскиот совет на РМ“.

Директна дискриминација по основ на возраст

„Второ, условот единствено пензионирани судии, обвинители, професори и адвокати да можат да бидат членови во Советот за утврдување на факти е еднаков на директна дискриминација по основ на возраст и е спротивен на членот 32 од Уставот во кој е предвидено дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“.

Му се наметнуваат нови неуставни надлежности на Судскиот совет на РМ

„Трето, законодавецот во преодните и завршни одредби (член 52) од Законот предвидел дека првиот избор на членови на Советот за утврдување на факти ќе го спроведе Комисија формирана од Судскиот совет на РМ во состав од пет члена. Како претходните, така и овие одредби се неуставни од причина што во уставно предвидените 5 надлежности на Судскиот совет на РМ не е предвидена негова изборна функција, а уште помалку од страна на само една третина од неговото членство. На овој начин му се наметнуваат нови неуставни надлежности на Судскиот совет на РМ, а се суспендира волјата на сите судии кои членовите на Советот за утврдување на фактите ќе можат да ги избираат единствено по неговиот прв состав“.

ДС со Иницијатива до Уставниот суд

Во врска со новодонесениот Закон за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, Демократскиот сојуз веќе достави Иницијатива до Уставниот суд за покренување постапка за оценување на уставноста на членот 6 од овој Закон, со кој се предвидува Советот да биде составен од 9 члена од редот на пензионирани судии (3), обвинители (3), професори (2) и адвокат (1), кои треба да засноваат работен однос со полно работно време и да извршуваат оперативно-истражни активности за утврдување на одговорност на судиите. Сите други се дискриминираат, односно само пензионери можат да бидат членови на ова судско тело.

„Ваквата одредба не е во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, и е во спротивност и со членот 104 од Законот за работни односи, каде што е предвидено да му престане работниот однос на работникот со 64 години, односно со 67 години старост. Инаку, на судиите, како и на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, мандатот им завршува со исполнување на условите за пензија, така ваквиот исклучок е нелогичен, без оправдување и се коси со уставните определби за достапност на секое работно место на сите граѓани. Покрај тоа, членовите на овој Совет, во суштина како пониско тело на Судскиот совет на Република Македонија, во постапката за утврдување на одговорност на судиите треба да извршуваат работи за кои се бара стручност, но и исклучителен напор при обезбедување на податоци и докази неопходни за поведување постапка за одговорност на судиите“, посочуваат од Демократскиот сојуз како подносители на Иницијативата.

Да се ангажираат и младите кадри

Демократскиот сојуз смета дека оваа активност можат да ја извршуваат  млади, стручни кадри (дипломирани правници), кои користат повеќе јазици, компјутери, како и кадри кои не се оптоварени со релации со судиите, обвинителите.

Советот за утврдување на факти е предвиден како ново правосудно тело кое ќе има за цел да преземе дел од работата на Судскиот совет на РМ. Главната надлежност на Советот за утврдување на факти ќе се однесува на покренување дисциплинска постапка и постапка за нестручно и несовесно работење на судиите пред Судскиот совет на РМ.

Советот за утврдување на факти ќе може да ги отфрли иницијативите за утврдување на одговорност, по што таквата негова одлука станува конечна, односно отфрлените иницијативи воопшто нема да бидат разгледувани од страна на Судскиот совет на РМ.

Советот за утврдување на факти ќе биде составен од 9 члена за кои е задолжително да се пензионирани правници и тоа 3 судии, 3 јавни обвинители, 2 професори по право и 1 адвокат. Покрај тоа што сите членови треба да бидат пензионирани, потребно е да имале непрекинат стаж од 15 години, да имаат истакнати резултати во своето работење и да не биле дисциплински санкционирани. Мандатот на избраните членови трае четири години, без право на уште еден избор. Најмалку една третина од членовите е предвидено да бидат од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Кандидатите за Советот за утврдување на факти ќе се пријавуваат на јавен оглас, а ќе се избираат од страна на сите судии, на непосредни и тајни избори.

М.В / veljanoskim@akademik.mk