/ Прочитано:

910

Хелсиншкиот комитет бара одговорност и најавува кривични пријави за случајот „Тамара“

Понеделник 9 февруари 2015 – Хелсиншкиот комитет бара одговорност и најавува кривични пријави за случајот „Тамара“. Според мислењето на Хелсиншкиот комитет малолетната Тамара Димовска е директна жртва на неефикасниот систем на здравствена заштита и немањето волја овој случај да добие позитивна разрешница од страна на Фондот за здравствено осигурување. Иако на наша адреса се испратија обвинувања дека ние сме виновни за смртта на Тамара, тоа не е така, велат од ФЗОМ.

„Целокупната јавност месеци наназад беше известувана преку медиумите за случајот со цел да се предизвика ефективна реакција од страна на Фондот за здравствено осигурување, со оглед дека медицинските наоди покажуваа сериозно влошување на нејзината здравстевна состојба, која може да доведе и до смртни последици, доколку не се делува оперативно. Хелсиншкиот комитет постапувајќи во случајот достави барање за информации до Фондот за здравствено осигурување и инсистираше на образложение за причините поради кои се игнорира конзилијарното мислење на ЈЗУ – Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар во Скопје во кое беше констатирано дека не постои можност да се спроведе соодветно лекување во нашите здравствени установи, а заради тежината на деформитетот и специфичната тежина на предложениот оперативен зафат и притоа се донесе негативно решение за лекување на Тамара во странство. Од документацијата која беше доставена до Хелсиншкиот комитет можеше да се утврди дека Фондот за здравствено осигурување се обратил и до специјалните болници по хируршки болести во државава, но ниту една од нив не се нафатила да го изврши оперативниот зафат. Хелсиншкиот комитет не доби одговор на барањата за информации, ниту пак доби можност да оствари средба со одговорните лица во Фондот“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет  прашува зошто беше  ветувано дека на Тамара ќе и биде овозможено лекување во странство, а тоа никогаш не се случи.

„Имајќи ја предвид влошената здравствена состојба на Тамара, зошто се оддолжуваше постапката и не се донесе конечно позитивно решение? За Хелсиншкиот комитет не постојат никакви дилеми за одговорноста во случајот од страна на Фондот за здравствено здравствено осигурување и Министерството за здравство. Од тие причини, доколку не биде преземена одговорност од страна на раководните лица во овие институции Хелсиншкиот комитет ќе поднесе кривични пријави против директорката и членовите на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување за несовесно работење во службата, а доколку постои согласност од страна на родителите ќе биде поднесен предлог за кривично гонење против одговорните лица во Министерството за здравство“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Деветгодишната Тамара Димовска боледуваше од сколиоза и требаше да отпатува на операција во Турција, бидејќи во Македонија ниту еден специјалист не прифати интервенција со образложение дека болеста е во напредна фаза. Од Министерството за здравство најавија дека сите трошоци за изведување на седмиот по ред оперативен зафат во странство врз деветгодишната Тамара Димовска од Велес која има проблем со искривување на рбетот, ќе бидат целосно покриени од страна на Министерството и Фондот за здравствено осигурување на Македонија. После половина година, нејзиното семејство денеска требаше да  добие конечен одговор од Фондот за здравство, од каде посочуваат  дека операцијата требала да се изведе по 8 февруари. Од Фондот, исто така, негираат дека тие се виновни за смртта на деветгодишната Тамара Димовска.

„Иако на наша адреса се испратија обвинувања дека ние сме виновни за смртта на Тамара, тоа не е така. Случајот позитивно го решивме уште во декември 2014 година, но беше потребно да се организира лекарски тим што ќе ја направи операцијата која е исклучително тешка. Бевме во постојана комуникација со родителите и очекувавме неделава да добиеме датум за операција за во Аџибадем во Турција, но за жал тогаш стаса информацијата за смртта“, велат од Фондот.

М.В