/ Прочитано:

1.358

Хелсиншкиот комитет упатува повик до надлежниот Инспекторат за труд да ги заштити вработените во текстилната индустрија од високите температури

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија упатува јавен повик до надлежниот Инспекторат за труд да излезе на терен и да преземе мерки за заштита на текстилните работници и работнички од високите температури.

„Имајќи предвид дека во изминативе денови температурите во Македонија достигнуваат и до 40 степени Целзиусови, работниците и работничките од текстилната, кожарската и чевларската индустрија се изложени на огромен ризик и опасност за нивното здравје. Состојбата во фабриките е алармантна и вработените започнуваат да колабираат поради високите температури“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Комитетот образложува дека во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа и Правилникот за начинот на изготвување на изјава за безбедност, нејзината содржина, како и податоците врз кои треба да се заснова процената на ризикот, работодавците имаат обврска веднаш да направат проценка на ризик за секое работно место одделно во услови на високи температури и да ги преземат сите неопходни мерки за да се спречат несаканите негативни последици врз здравјето на професионално изложените работници.

„При проценка на ризик за секоја препознаена, односно утврдена опасност или штетност на работното место и во работната средина, потребно е посебно внимание да се посвети на можното оштетување на здравјето на ранливите групи како што се жените, младите работници, старите работници и работниците што работат на работни места со зголемен ризик или имаат посебни потреби (работници со хендикеп, работници со постојни заболувања и сл.). Опасностите и штетните влијанија, меѓу другото, можат да бидат препознаени и како штетни влијанија на микроклиматските фактори, висока температура, ниска температура, влажност, брзина на струење на воздухот. Во согласност со Законот за инспекција на труд, во вршењето на работите на инспекцискиот надзор, инспекторот е овластен, во секое време на денот и ноќта, да влезе во просториите на работодавецот, без претходно најавување и без оглед на работното време на работодавецот“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.

„Од овие причини, упатуваме јавен повик до Државниот инспекторат за труд преку своите подрачни единици да излезе на терен во посета на текстилните, кожарските и чевларските фабрики, со цел утврдување на евентуални прекршувања на прописите за безбедност и здравје при работа и соодветно казнување на работодавците кои не ги почитуваат овие прописи, а сè со цел заштита на здравјето на работниците и работничките од овие индустрии во услови на екстремно високи температури“, додаваат од Хелсиншкиот комитет.

М.В