/ Прочитано:

614

Хоум Офис: Адвокатите на Асанж се во заблуда, Законот за екстрадиција нема ретроактивна сила

Вторник, 19 август 2014 – Британскиот Хоум Офис денеска соопшти дека измените во Законот за екстрадиција не се однесуваат за случајот на Џулијан Асанж и тие немаат ретроактивна сила.

Основачот на Викиликс кој повеќе од две години се крие во зградата на амбасадата на Еквадор во Лондон, за да не биде уапсен и екстрадиран во Шведска, изјави вчера на прес конференција дека британскиот Парламент направил измени во законот, прилагодувајќи се на  почитувањето на човековите права. Тоа според Асанж, ќе овозможи тој да може „наскоро“ да го напушти засолништвото во амбасадата.

Министерството за внатрешни работи во своето соопштение вели дека во заблуда се наоѓаат Асанж и неговите адвокати, објаснувајќи дека промените не се ретроактивни.

Асанж треба да им биде предаден на шведските правосудни власти врз основа на европскиот налог за гонење и врз основа на британскиот закон од 2010 година, кога и беше отворен случајот.

Џулијан Асанж е осомничен во Шведска за силување на една и за сексуално насилство врз друга млада жена во Стокхолм. Тој ги отфрла обвинувањата и тврди дека доколку биде екстрадиран, шведските власти ќе го предадат на САД, каде е обвинет за илегално објавување на доверливи државни информации.