/ Прочитано:

799

ХРВАТСКА: Од први септември децата по Закон ќе мора да ги раскреваат играчките, да ги местат креветите…

Петок, 25 јули 2014 – Во Хрватска, од први септември стапуваат на сила измените на Закон за семејство според кои децата се должни да им помагаат во домашните обврски на родителите, пишува „Јутарњи лист“.

„Прво има борба. Потоа преговори. На крајот следат закани. Кога ќе се заканам со казна, работите почнуваат да се движат“, низ насмевка за „Јутарњи лист“ коментира Амалија Ивезиќ, мајка на три деца. 

Со измената се дефинираат должностите на децата. „Децата се должни да ги почитуваат своите родители и да им помагаат во домашните работи во согласност со својата возраст и убаво да се однесуваат кон сите членови во семејството“, се вели во законските измени. Значи децата практично се должни да ги раскреваат своите играчки, да го наместат креветот, да ја кренат чинијата кога ќе завршат со јадењето или кога ќе пораснат да фрлат ѓубре, да ги стават садовите во машина за миење садови, да чистат со правосмукалка и сл. Убаво да се однесуваат со своите браќа или сестри.

„Нека пишува во Законот, за да може да се повикаме на него“, на шега вели мама Амалија. „Вистината е дека децата ми се добри. Добри се во училиште, одлични ученици се и на крајот секогаш го прават она што треба… Само треба да бидете упорни“, додава таа. 

Во Шпанија на пример овој Закон е уште попрецизен – покрај домаќинските задолженија, децата се обврзни да ја  пишуваат домашната задача, да ги почитуваат училишните правила и да учат. Јасно е дека нема казни за непочитување на овие законски одредби. Контролата ја имаат само родителите.

„Овие одредби се корисни и за децата и за родителите. Децата така учат дека имаат обврски и одговорности, а родителите имаат законска оправданост да поставуваат граници и да даваат обврски“,  коментира психологот Јелена Врсаљко.