/ Прочитано:

2.500

И ЗА ПАСОШОТ КАКО И ЗА ЛИЧНАТА КАРТА: МВР предлага и пасошите да се подигнуваат надвор од службените простории

Вторник, 17 март 2015 – Министерството за внатрешни работи предлага и пасоши да може да се подигнуваат надвор од службените простории на Министерството. Во предложените измени на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија, кои се наоѓаат во собраниска процедура, се предлагаат и казни од 100 до 500 евра за користење пасош во случај кога податоците на граѓанинот се променети, како и за користење пасош кој е евидентиран како изгубен.

„При практичната примена на Законот, надлежните организациони единици се соочија со одредени непрецизности при уредување на материјата при поднесувањата на барања за издавање на патен лист и пасош. Во предложениот законски текст се настојува да се надминат утврдените непрецизности и целосно да се опфатат сите ситуации при поднесување на барањата за наведените документи, како и прецизно да се определат лицата кои можат да ги поднесат наведените барања“, образложуваат од МВР.

Пасоши да се издаваат и надвор од службените простории на МВР

Во законските измени, како и во случајот со измените на Законот за лична карта, се предвидува дека по желба на граѓанинот барањето за издавање на пасош може да се поднесе, односно пасошот може да се подигне лично од страна на граѓанинот во простории надвор од просториите на Министерството за внатрешни работи, односно во просториите надвор од просториите на надлежното дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија.

Патната исправа ќе може да се копира од страна на контролори и нотари

Во законските измени се предвидува дека патната исправа може да ја копираат контролорите и обработувачите на збирки на личните податоци само во случаи утврдени со закон.

Патната исправа, покрај лицата на кои се однесува, може да ја копираат и нотарите при утврдување на идентитетот и субјективитетот на учесниците во постапките што се водат пред нотар, во согласност со закон, како и од страна на други контролори и/или обработувачи на збирки на лични податоци, само во случаи утврдени со закон.

Барање за издавање на пасош на дете

Според предложените законски измени, барање за издавање на пасош на дете поднесуваат двајцата родители на детето, односно старателот доколку детето е ставено под старетелство. За родителот кој не е во можност лично да го поднесе барањето за издавање на пасош за дете, од страна на другиот родител се доставува негова изјава за согласност за издавање на пасош на детето, заверена од нотар.

Ако двајцата родители на детето не се во можност лично да го поднесат барање за издавање на пасош за дете, барањето го поднесува лице кое е овластено за тоа, од страна на двајцата родители на детето.

Овластувањето родителите го заверуваат кај нотар, надлежните државни органи или дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија во странство.

Барање за издавање на пасош поднесува старателот за лицето на кое со одлука на суд делумно или целосно му е одземена деловната способност.

100 евра казна ако се користи патна исправа што е евидентирана како изгубена

Исто така, во измените е превидено дека имателот на патната исправа не смее да ја користи патната исправа доколку се променат податоците кои се однесуваат на името и презимето, на денот, месецот и на годината на раѓање, на полот и на единствениот матичен број.

За наведената забрана е предвидена глоба во износ од 100 до 500 евра во денарска противвредност.

На физичко лице кое користи патна исправа што е внесена во евиденција за изгубени или исчезнати патни исправи ќе му се изрече глоба за прекршок во износ од 100 евра во денарска противвредност.

Ќе се докажува дали губење, оштетување или исчезнување е сторено со умисла или вина

Во измените се определува дека првото губење, оштетување или исчезнување на патната исправа  не е казниво за имателот на патната исправа.

Секое понатамошно губење, оштетување или исчезнување е казниво за имателот на патната исправа, освен во случаи кога имателот ќе докаже пред надлежната организациона единица на Министерството за внатрешни работи дека дејствието е сторено без негова умисла или вина.

М.В