/ Прочитано:

1.730

ИНТЕГРАЛНО: Извештајот за напредокот на РМ во поглавјето за судството

Четврток, 17 октомври 2013 – Судскиот совет на РМ не избира судии од редовите на Академијата за судии и јавни обвинители, вкупниот број на судии (670) и понатаму е повисок за повеќе од 50% од европскиот просек во однос на бројот на населението, ова само детали од Извештајот за напредокот на РМ за изминатава година во однос на судскиот систем.  

Во целост Ви го пренесуваме делот за судскиот систем од Ивештајот за напредокот на РМ кој го опфаќа периодот од окромври 2012 до септември 2013 година. 

„Стратегијата за реформа на судството во земјата и акцискиот план поврзан со истата беа спроведени меѓу 2004 и 2010 година. Оттука, главните реформи во оваа област веќе се во најголем дел завршени. Меѓутоа, потребни се подобрувања во практиката за да се обезбеди точно спроведување на европските стандарди кои се однесуваат на независноста и квалитетот на судството.

Што се однесува до независноста и непристрасноста, треба да се разгледаат неколку прашања за да се заштити независноста на судиите, особено во поглед на безбедноста на нивниот мандат. Законодавството кое го уредува разрешувањето на судиите сè уште треба да се измени да стане попрецизно и предвидливо. Потребни се заштитни мерки за да се загарантира примената на дисциплинските мерки на попропорционален начин од страна на Судскиот совет. Тенденцијата да се изрече разрешување наместо поблага дисциплинска санкција продолжува, како и употребата на сеопфатната основа за разрешување на „непрофесионално и несовесно извршување на судската функција“ во речиси сите случаи.  Покрај тоа, тековниот систем за оценување и унапредување на судии става поголем акцент на продуктивноста и постигнување на целите наместо на квалитет и решавање на проблемите, што може да поттикне формалистичко наместо независно донесување одлуки. Директната врска меѓу оценката на работата и разрешувањето, која може да се користи за казнување на сериозни дисциплински прекршоци, треба да се отстрани.

Што се однесува до професионализмот и компетентноста на судството, Академијата за судии и јавни обвинители (AСЈО) и понатаму игра централна улога во обезбедувањето на доживотни обуки за судството и јавното обвинителство. На нејзината програма за обуки на вработените беа присутни 7 000 учесници, меѓу кои 4 000 судии, 1 000 јавни обвинители и 1 000 соработници експерти, како и државни службеници и други лица. АСЈО го доразви нејзиниот децентрализиран систем за обуки со тоа што од 232 обуки, 76 беа одржани надвор од главниот град, а системот за е-учење се усовршува преку веб-порталот за обуки на АСЈО. Измените на Законот за судовите влезе во сила, а истиот налага сите новоназначени судии од прва инстанца да се дипломци од второгодишната програма за обуки на АСЈО.  Беа воведени минимални барања за претходно судско искуство на судии во апелациониот и Врховниот суд (четири и шест години соодветно). Меѓутоа, Судскиот совет и понатаму ги игнорира барањата на законот, со тоа што во 2012 година назначи 39 судии во прва инстанца од кои само 4 беа дипломци на АСЈО и 13 во првата половина на 2013 година од кои само 1 е дипломец на АСЈО.  Во исто време, 13 од 80 кандидати за судии и обвинители кои дипломирале од 2009 година сè уште го чекаат своето прво вработување. Ова ја доведува во прашање ефикасноста на новото законодавство и посветеноста на начелото на вработување според заслуга. Покрај тоа, го има и негативниот ефект да ги обесхрабри потенцијалните идни кандидати да се запишат на Академијата. И покрај информативните кампањи, неколкуте повици за пријавувања и зголемувањето на школарината на кандидатите на АСЈО за време на почетната обука, бројот на нови кандидати за почетна обука на Академијата во 2013 година беше недоволен, а останува да се види кога ќе започне новиот циклус на почетна обука. Подготвителните часови за приемниот испит на АСЈО и соработката со универзитетите се правилни чекори кон целта да им се овозможи на кандидатите да ги исполнат новите построги барања за запишување. Треба да се земат предвид мерки со цел да се поттикнат повеќе кандидати од малцинските заедници да се запишат на професионална обука. Буџетот на АСЈО за 2013 година беше намален, нејзиниот персонал е недоволен, а просториите несоодветни со оглед на опсегот на нејзините активности.  Потребни се поголеми напори за да се поддржи работата на АСЈО, да се привлечат кандидати од висок калибар во судството и обвинителството и да се заштити начелото на вработување според заслуги.

Што се однесува до отчетноста, во 2012 година беа разрешени 3 судии, а нивното разрешување беше потврдено по жалбата од Врховниот суд.  Покрај тоа, судската функција на еден судија беше укината откако истиот беше осуден за кривичен прекршок. Судскиот совет разгледа 879 жалби поднесени против судии и судови во текот на 2012 година.  Најголемиот број на жалби и понатаму се однесува на должината на судските постапки. Министерството за правда доби 509 жалби. Врховниот суд и понатаму добива барања за надомест за неразумно долги судски постапки (1 906 во 2012 година, благ пораст од претходната година).  Во 2012 година, тој потврди 203 барања и додели речиси 158 000 евра за надомест и трошоци, што претставува пораст во споредба со 2011 година. Во 2012 година земјата им исплати 157 000 евра за пријателски спогодби на баратели кои поднеле тужби за нанесена штета до Европскиот суд за човекови права во слични случаи.

Што се однесува до ефикасноста на судството, најголемиот број судови на сите нивоа во текот на 2012 година беа во можност да ги разгледаат случаите кои ги добиле. Сега нема судови со значителен број на заостанати случаи. Нов софтвер беше инсталиран во сите судови, како и во Судскиот совет, за да се добијат подобри статистички податоци за нивната работа. Спроведувањето на пресудите од страна на професионални судски извршители непречено продолжи и речиси сите стари случаи за спроведување сега се надвор од судскиот систем. Меѓутоа, сè уште нема веродостојни информации за просечното вкупно траење на судските постапки од почеток до крај, како и за сите инстанци, а нема механизам за следење за да се идентификуваат и да им се даде приоритет на „старите случаи“ кои веќе со години се во судскиот систем. Потребни се поголеми напори за да се обезбеди дека месечните цели кои им се поставени на судиите, а кои се однесуваат на бројот на случаи кои треба да се проследат, нема да доведат до намалување на квалитетот на судството и до подолги постапки на долгорочен план.

Судскиот буџет за 2013 година изнесува 29,6 милиони евра (или 0,4% од БДП), од кој најголемиот дел од околу 80% сè уште е наменет за платите на судиите и административниот персонал. Вкупниот број на судии (670) и понатаму е повисок за повеќе од 50% од европскиот просек во однос на бројот на населението. Постои потреба да се процени одржливоста на ваквото трошење и да се започне со планирање на постепената рационализација на судскиот систем. Буџетот на Јавното обвинителство изнесува околу 6,6 милиони евра, од кои најголемиот дел од околу 75% е наменет за плати, додека остатокот е недоволен да го покрие неопходното надградување на информатичката инфраструктура на обвинителската служба. Сè уште преостанува да се разработи долгорочна стратегија за да се гарантира исправна распределба на човечките ресурси во судскиот систем.

Во поглед на пристапот до правда, буџетот за правна помош за 2013 година изнесува 50 000 евра. 244 правници и 8 невладини организации се регистрирани во моментот како даватели на правна помош. Вкупно 146 барања за бесплатна правна помош беа поднесени во 2012 година, од кои 57 беа одобрени. Најголемиот број на случаи се однесуваат на спорови во врска со сопственост, жртви на домашно насилство и заштита на децата и малолетните лица. Случаите за социјална безбедноста и трудови спорови сè уште не се доволно застапени, а недостатокот на систематска правна помош за малолетни лица претставува причина за загриженост. Потребно е да се преземат чекори за да се направи работата на судовите подостапна за јавноста, да се лоцираат информативните шалтери на влезовите на судовите и да се воведат функции за пребарување на пресудите кои се објавени на веб страните на судовите кои ќе бидат лесни за користење“.