/ Прочитано:

1.085

Интерпелацијата за министерот за здравство на денешната собраниска седница

Интерпелацијата: Тодоров создаде хаос во здравството, Тодоров: Да ги соочиме фактите

Собранието на Република Македонија денеска ќе се расправа за интерпелацијата за работата на министерот за здравство, Никола Тодоров. СДСМ, како подносител на Интерпелацијата, бара одговорност од Тодоров затоа што за време на неговото министерување, како што се наведува во Интерпелацијата, македонското здравство било проследено со системски проблеми и хаос и го достигнало дното. Тодоров одговорот на Интерепелацијата го фокусира кон, како што вели, конкретни податоци за проекти и реформи реализирани во здравствениот систем, оценувајќи ја Интерпелцијата како можност да се соочат фактите.

akademik1

Во Интерпелацијата се наведува дека системските проблеми и целокупниот хаос во здравството резултирале со трагични последици врз граѓаните и врз пациентите, а тоа покажува дека здравствениот систем во Македонија не функционира.

„За само два дена две трудници го загубија животот што е недозволиво да се случува во 21 век. Никола Тодоров мора да понесе одговорност за несоодветното и нестручно управување со здравствениот систем и со ресурсите. Запрепастувачката е рамнодушноста и игнорантнскиот однос на Тодоров за последните трагични случувања во болниците низ Македонија покажува дека нема никаков морален капацитет. Факт e дека Никола Тодоров воопшто и не требаше да биде поставен на позицијата министер за здравство. За време на неговото министерување македонското здравство го достигна дното. Болниците низ државата одамна не го заслужуваат статусот на вистински заштитници на здравјето на граѓаните“, се вели во Интерпелацијата.

Понатаму, во наводите во Интерпелацијата, се истакнува дека во здравството нема доволен лекарски кадар, нема соодветна опрема и недостасува медицински материјал.

„Граѓаните се повеќе плаќаат а добиваат се помалку и се полоши услуги, лекарите го напуштаат јавното здравство и се повеќе заминуваат во странство. Гинекологијата е една од најзагрозените гранки, плаќањето по учинок е нерамноправна распределба на платите, нема јасно дефиниран основен пакет на услуги за секое ниво на здравствена заштита за граѓаните. Електронскиот систем „Мој термин“, создаде нови проблеми, постојано има недостиг на контрасни средства за компјутерски снимања. Изгубена е довербата во системот за вакцинации зашто и овде основен критериум за набавка е најниска цена , а не квалитетот на вакцините“, се посочува во Интерпелацијата.

<<< Целосен текст на Интерпелацијата 

„Најнапред би сакал да подвлечам дека поднесената интерпелација претставува можност во законодавниот дом да ги соочиме фактите и да изнесеме конкретни податоци за проекти и реформи реализирани во здравствениот систем“, наведува министерот Никола Тодоров во одговорот на Интерпелацијата.

„Пратениците од опозицијата наведуваат дека болниците одамна не го заслужуваат статусот на вистински заштитници на здравјето на луѓето. Сакам да потенцирам дека во тек е инвестициски циклус во износ од 150 милиони евра“, истакнува Тодров. Министерот, својот одговор на Интерпалецијата го фокусира, кон, како што вели, конкретните проекти во здравството што ги наведува како негова аргументација за одговорот на Интерпелацијата.

Како такви, тој во Интерпелацијта ги споменува новиот дијагностичко-ургентен центар во рамки на Клиничка болница Тетово, реконструкцијата на Општата болница во Охрид, реконструкцијата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир Скопје, реконструкцијата на Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Јасеново” – Велес, реконструкција на Психијатриската болница во Негорци, Гевгелија, реконструкција на Општа болница Гостивар, реконструкција на Општа болница во Велес, реконструкција на објектот на Центарот за дијабетес, санација во Здравствен дом Прилеп, реконструкција на амбуланта во Кривогаштани, санации во Поликлиника Букурешт, реконструкција, пренамена и адаптација на нов објект за Општа болница Кичево, инвестиции во Центарот за спинална хирургија итн.

<<<Целосен текст на Одговорот на интерпелацијата 

М.В