/ Прочитано:

1.243

ИНТЕРВЈУ ОД ИДНИНАТА: Адвокатот мораше да се сфати себеси како претприемач за да излезе накрај со либерализацијата на адвокатурата

Целосно измислена, а толку прониклива игра на зборови: седнуваме на разговор со група адвокати во 2030 година. Македонија е полноправна членка на Европската унија, а адвокатурата изменета од корен: поспецијализирана, посегментирана и поевропеизирана од кога било. Отворањето на границите отвори нов простор за модерниот адвокат: во сите ниши на пазарот владее невидена конкуренција. Сценариото што го претставуваме е произлезено од истражување на Германската адвокатска комора, којашто неодамна направи обид за проектирање на идните трендови во адвокатурата на национално и на меѓународно рамниште. Едно интервју би можело за петнаесет до дваесет години, помалку или повеќе, да изгледа вака:

Фрлајќи поглед кон последните петнаесет години, адвокатурата доживеа коренити промени. Која, според вас, е најголемата и какви последици донесе?

Пазарот на правни услуги е неповратно либерализиран. Пред дваесетина години зборувавме само за пазар на адвокати, а денес сведочиме за развој на пазар на правни услуги во вистинска смисла на неговото поимно значење. На теренот наидуваме на нови профили на играчи: адвокати и неадвокати. Под влијание на европските претприемачи, како и нивните лобисти, законодавецот постепено го либерализира пазарот и внесе разновидност во понудата, и тоа пред сè во поглед на развивањето големи компании за правни услуги.

Либерализација на адвокатурата. Што, всушност, значи тоа?

Основањето т.н. „алтернативни бизнис-структури“ (АБС) е сè почеста практика. Станува збор за нови форми на адвокатски канцеларии со неадвокати како партнери и со удел на странски капитал. АБС, првпат воведени во Австралија, пред петнаесет години успеаја да најдат свое место и во Британија. Нивната моментна бројка нема големо значење ако се има наум големината на европскиот пазар, но големите бизнис-идеи што стојат зад нив станаа вистински предизвик за помалите адвокатски канцеларии. Правничкиот свет, полека, но сигурно, го освојуваат големи брендови.

Континентална Европа никогаш не им изјави љубов на овие алтернативни структури. Како беше скршен отпорот против нивниот продор во правниот свет?

Главен актер во тој дел беше Европскиот суд на правдата во Луксембург. Во судска постапка против дванаесет земји-членки на ЕУ во 2025 година беше донесена јасна пресуда: сите АБС основани според англиското право ги уживаат на европско ниво правото на основање и слободата на давање услуги. Со тоа, британските АБС добија неограничен пристап на националните пазари, кои залудно се обидуваа да го ограничат нивното продирање. И нашата комора вложуваше напори во одбраната од овие структури, но случајот покажа дека таа борба беше бесцелна.

Имајќи ја предвид сериозноста на промените што ги набројувате, би рекле ли дека допуштањето на АБС беше главна пресвртница за модерниот пазар на правни услуги?

Апсолутно, но морам да кажам дека оваа реформа не беше скроена преку ноќ на маса во Европската комисија во Брисел. Пресудата на Европскиот суд на правдата од 2025 година беше последица, пред сè, на притисокот што го вршеа надворешните играчи од бизнис-секторот. Додека порано беше вообичаено да гледаме како адвокатите си конкурираат еден со друг на свој терен, во последните десет години, конкуренцијата во адвокатурата доаѓа однадвор и се врзува за фактори, главно, од претприемничка природа. Тоа неповратно го менува нашиот начин на размислување, па дури и нашето однесување.

Се однесува ли тоа и на правното советување што сè почесто се нуди на интернет?

Правното советување преку интернет добива од година на година сè поголеми размери. Таквиот тренд, веројатно, не можете да го спречите ако знаете дека речиси секој има пристап на интернет. Просто, се движите онаму, каде што одат сите. Ако пред дваесетина години ги исмевавме аутсајдерите од советодавни портали што се појавуваа од нигде, денес имаме прецизно шлифувани онлајн-платформи за давање совети од области како што се заштитата на потрошувачите или, пак, социјалната заштита. Дотолку повеќе, лицата со пониски примања, наместо со адвокат, веќе редовно се советуваат на правните блогови на големите здруженија за заштита на потрошувачите.

Да се вратиме во професионалниот свет: каков ефект има либерализацијата врз правните служби во компаниите?

Од свои извори дознаваме дека неколку концерни се обиделе неодамна да им стават клуч на правните служби. Процесот што се одвива кај нив е умно воден од висококвалификувани менаџери што веќе работат во нивните одделенија за набавки. Значи, се работи за лица што немаат по секоја цена правно образование, но што се упатени на ваков или на онаков начин во подробностите на правото од својата област. Тие, според систематизацијата се еднакви на нивните колеги што набавуваат репроматеријали или опрема, но нивната главна задача е да најдат даватели на правни услуги. Така, фирмата се пријавува за услугите во адвокатската канцеларија што има најдобра понуда.

Кој е најголемиот добитник, а кој најголемиот губитник сред либерализирањето на адвокатурата?

Сè уште е рано да се одговори ова прашање. Реформите допрва ќе покажуваат резултати. Пазарот, бездруго, радикално се промени. На пример, додека разновидноста на адвокатските канцеларии се проширува, монополот на адвокатите во одредени области се намалува. Имаме и сè повеќе жени во адвокатурата. Од друга страна, помалите адвокатски единици се речиси потполно избришани од пазарот или, пак, мака мачат да преживеат. Се разбира, и натаму има адвокати-поединци, но се препознава тренд дека нивниот успех особено доаѓа до израз ако се дел од некоја мрежа. Основањето вакви мрежи, како и нивното меѓусебно поврзување преку адвокатската комора, впрочем, е една од најинтересните промени за малите адвокатски канцеларии.

Како се постави Aдвокатската комора кон реформските процеси?

Реагиравме онаму, каде што сметавме дека мора да дадеме свое видување за новините. Во тој поглед, еклатантен пример е воведувањето членство за адвокатските канцеларии во 2018 година. Тоа беше крупен чекор за нашето здружение, зашто, претходно, според законите, членството беше индивидуално, т.е. Комората беше застапник на интересите поединецот и заштитник на неговите права. Зошто се наметна таква далекосежна промена? Развојот на пазарот поттикнуваше многумина што поревносно да ги професионализираат своите канцеларии и да ги воспримаат, едноставно, како вистински претпријатија. Сред ваквиот тренд, покрај постојниот однос со адвокатот како поединец, консеквентно и сосема логично беше да почнеме да се однесуваме кон адвокатската канцеларија како кон полноправен член во Комората.


Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 23.09.2014