/ Прочитано:

1.303

Иванов останува на одлуката за помилување и повика на фер избори

„Барам претставниците на меѓународната заедница кои се вклучени во процесот да помогнат сите страни целосно да си ги преземат сите обврски од Договорот од Пржино, додека потписниците да ги спроведат сите обврски и да овозможат слободни, фер демократски и кредибилни избори“, рече Иванов.

????????????????????????????????????

Останувам на ставот и убеден сум дека одлуката за помилување ќе помогне за надминување на политичката криза и за надминување на тензиите меѓу политичките противници. Ова денеска го изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во своето обраќање до јавноста.

„Свесен сум за одговорноста која ја презедов.Внимателно ги проследив и ги анализирав сите реакции по мојата одлука. Сметам дека одлуката го штити исклучиво државниот интерес и сакам да информирам дека останувам на истата“, потенцираше Иванов.

Тој повика:„Секој оној што смета дека со ваквата одлука му било одземено право, му била направена лоша услуга или својата невиност сака да ја докаже на суд, во писмена форма да поднесе барање за поништување на одлуката.“

„Кога ќе ги добијам ваквите барања, ќе повикам правни експерти да понудат најдобро можно решение. И политичките партии можат со свои правни експерти да се вклучат во овој процес“, рече Иванов.

Претседателот смета дека партиите и нивните поддржувачи ги користат институциите како средство за меѓусебна пресметка. Безбедносните институции се парализирани со нарушен систем на команда и висок е ризикот да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваат.

„Специјалното јавно обвинителство има потреба од време заспроведување на квалитетни истраги. Барам претставниците на меѓународната заедница кои се вклучени во процесот да помогнат сите страни целосно да си ги преземат сите обврски од Договорот од Пржино, додека потписниците да ги спроведат сите обврски и да овозможат слободни, фер демократски и кредибилни избори“, рече Иванов.

Претседателот уште еднаш апелираше претставниците на  меѓународната заедница да се однесуваат одговорно за да не бидат погрешно разбрани во своите активности.

„Целта на носењето на одлуката е таа да биде гаранција дека до денот на одржување на изборите, партиите и нивните поддржувачи, работата на институциите и активноста на претставниците на меѓународната заедница нема да бидат злоупотребени и нема да влијаат во нарушувањето на изборниот процес.Очекувам распишаните избори на 5 јуни да бидат вовед во ново поглавје за Република Македонија“, рече Иванов.

Досега само лидерот на СДСМ, Зоран Заев, испрати писмо до Иванов со кое бара поништување на одлуките за помилување.