/ Прочитано:

1.547

Измени на Кривичниот законик: Се заоструваат казните за пустошење и кражба на шумите

Понеделник, 27 октомври 2014 – Предлог-Законите за изменување и дополнување на Кривичниот законик и на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, и двата по скратена постапка, се на дневниот ред на 19-тата седница на Собранието на Република Македонија. Поостри казни за за лицата кои пустошат шуми и противправно присвојуваат имотна корист предвидуваат новите законски измени.

„Со членот 1 се заострува казната за ставот (3) во кривичното дело „Пустошење на шума“ од членот 226. Со членот 2 се менува ставот (3) во членот 235 во насока на заострување на казните. Имено, се пропишува казна затвор од шест месеци до три години за тој што ќе одземе од туѓа шума дрвја чие количество е поголемо од еден кубен метар со намера за противправно присвојување“, се наведува во образложението на измените на Кривичниот законик.

„Владата на Република Македонија на Деветнаесеттата седница одржана на 02.09.2014 година ја усвои Информацијата за изменување и дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична ипрекршочна постапка и Законот за шумите во постапувањето со одземена бесправно посечена дрвна маса“,  образложува Министерството за правда во врска со измените на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

Покрај овие два закони, во рамките на седницата ќе бидат разгледани и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на Законот за технолошки индустриски развојни зони, на Законот за индустриски – зелени зони, на Законот за минерални суровини, и на Законот за шумите, сите по скратена постапка.

Пратениците ќе расправаат и за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро, на Законот за судските такси, на Законот за извршување на санкциите, на Законот за угостителска дејност, на Законот за превоз во патниот сообраќај, на Законот за јавните патишта, на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, и на Законот за внатрешната пловидба, како и за изменување на Законот за земјоделското земјиште и за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал, сите во прво читање.

На седницата се и предлог законите за ратификација на Договорот за основање Центар за развој на финансии (ЦЕФ), на Договорот меѓу Република Македонија и Европската унија за учество на Република Македонија во програмата на Унијата – Царина 2020, на Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Унгарија за размена и заемна заштита на класифицирани информации, на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за реципрочно признавање на возачките дозволи, и на Договорот меѓу Република Македонија и Република Италија за социјална сигурност.

Ќе се расправа и за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за здравјето на растенијата, на  Законот за безбедност и здравје при работа, и на Законот за пожарникарството, трите во второ читање.

На дневниот ред се и предлог законите за дополнување на Законот за преземање на акционерските друштва, за изменување и дополнување на Законот за сигурност во железничкиот систем, и на Законот за еднакви можности на жените и мажите, трите во прво читање.