/ Прочитано:

1.143

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА АДВОКАТУРАТА: Усогласување со новиот Закон за прекршоците

Среда, 19 август 2015 – Предложени се измени на Законот за адвокатурата, кои се наоѓаат во собраниска процедура. Основната цел поради која се предлага овој закон е да се усогласи со одредбите на новиот Закон за прекршоците, велат од Владата на Република Македонија.

„Законот за адвокатурата е донесен 2002 година и оттогаш е повеќепати изменуван и дополнуван. Досега во Законот беше пропишан еден прекршок во согласност со кој за сторен прекршок ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 до 5.000 евра во денарска противвредност на правно лице ако во определениот рок не му ги даде податоците и документите потребни во вршењето на адвокатската дејност на адвокатот, во согласност со членот 3-а став (1) од овој закон. Исто така, пропишана е и глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за сторен прекршок од физичко лице за веќе наведените дејствија. Измената и дополнувањето се наметнаа заради усогласување со новиот Закон за прекршоците што беше донесен од Собранието на Република Македонија во јули 2015 година“, се вели во законското образложение.

Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатурата содржи четири члена. Со членот 1 се пропишува надлежност на Адвокатската комора на Република Македонија да врши надзор на примената на одредбите од овој закон.

Со членот 2 став 1 се врши усогласување со Законот за прекршоците каде што е пропишано дека глоба за правни лица може да се пропише единствено во фиксен износ. Во овој член се додава и нов став  со кој се пропишува прекршочна одговорност за одговорното лице во правното лице.Со ставот  3 од овој член се врши усогласување на пропишаната глоба за физички лица.

Со членот 3 се додаваат и два нови члена во согласност со кои  се пропишува дека одмерувањето на глобата за правните лица ќе се врши во согласност со одредбите од Законот за прекршоците, а е пропишана и надлежност на суд за водење прекршочна постапка и за изрекување прекршочна санкција за прекршокот пропишан во овој закон.

ПРЕДЛОГ  НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА

ЗАКОНОТ ЗА АДВОКАТУРАТА

 Член 1

            Во Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/02, 60/06, 29/07, 106/08, 135/11 и 113/12),  по членот 37-ж се додава нова Глава II-в и нов член 37-з, кои гласат:

“II – в. Надзор

 Член 37- з

Надзор над извршувањето на одредбите од член 38 од овој закон, во делот на прекршоците врши Адвокатската комора на Република Македонија.“

 Член 2

Во член 38 во ставот (1) зборовите „2000 до“ се бришат.

По ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи:

„(2) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице, за сторен прекршок, ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за дејствијата од ставот (1) на овој член.“

Во ставот (2), кој станува став (3), бројот „1000“ се заменува со бројот „750“.

Член 3

По членот 38 се додаваат два нови члена 38-а и 38-б, кои гласат:

„Член 38-а

Одмерувањето на висината на глобата за правните лица се врши согласно Законот за прекршоците.

Член 38-б

За прекршокот утврден во овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.“

 Член 4

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

М.В