/ Прочитано:

1.429

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА АВТОРСКОТО ПРАВО И СРОДНИТЕ ПРАВА: Исклучоци од плаќањето надомест за користење на авторското дело

Четврток, 27 август 2015 – Нови измени и дополнувања на Законот за авторското право и сродните права се наоѓаат во собраниска процедура.

Целта на предложениот закон е допрецизирање на основите за определување на надоместоци за користење авторски дела и предмети на сродните права од страна на радио-телевизиските организации и пропишување на нормативна основа за ослободување од плаќање надомест за користење во случај кога користењето се врши од страна на занаетчиите и други субјекти, доусогласување со одредбите на Законот за аудио и аудивизуелни и медиумски услуги и  допојаснување на поимот јавност. Поимот јавност, во смисла на Законот за авторското право и сродните права се определува како:

„Јавност, во смисла на овој закон опфаќа поголем број лица надвор од потесниот круг на роднини или лични познанства“

Понатаму, во таа смисла се дефинира и поимотЈавно користење“ кој, како што е определно, означува „секое користење на авторското дело, односно на предметот на сродните права, достапно на јавноста или користење на авторско дело односно предмет на сродните права во простор до кој јавноста има пристап, како и овозможување на достапност на припадник на јавноста до авторско дело односно предмет на сродните права во време и место кое самиот ќе го избере“.

Исто така, како што се образложува во предложените измени, со законските новини се врши усогласување на Законот за авторското право и сродните права со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Имено, со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, радио-телевизиските организации кои се обврзaни со закон во утврдени временски периоди да емитуваат, покрај вокално и/или вокално-инструментални музички дела на македонски јазик или на јазиците на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, се должни да емитуваат и  инструментална музика од македонски автори и автори на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Со измените се дава основ и за емитувањето на инструментална музика од македонски автори и автори на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, надоместокот да се определува во износ за десет пати намален од износот што е определен за радиодифузно емитување на авторски дела или предмети на сродни права“, се посочува во законското образложение.

Понатаму, со предложените измени се пропишува во кои случаи како исклучок нема да се плаќа надомест за користење на авторското дело односно предметот на сродните права.

По исклучок нема да се плаќа надомест за користење на авторското дело односно предметот на сродните права во:

–       простории во кои занаетчиска дејност врши физичко лице-занаетчија регистриран во Регистарот на занаетчии;

–       музеи, галерии, и други простории во кои се врши организирање и јавно изложување на оригинали или примероци на дела од ликовната и применетата уметност, оригинали на книжевни или музички дела и други уметнички предмети;

–       одморалишта и планинарски домови;

–       трговски и други производствени погони и

–       превозни средства во јавен линиски превоз на патници и авто-такси превоз на патници.

„Со Законот се предлага, корисниците, кај кои користењето на авторското дело односно предметот на сродните права нема влијание на пријатноста на крајните корисници (консументи, потрошувачи),  како простории во кои занаетчиска дејност врши физичко лице-занаетчија, во музеи, галерии, и други простории во кои се врши организирање и јавно изложување на оригинали или примероци на дела од ликовната и применетата уметност, оригинали на книжевни или музички дела и други уметнички предмети, во одморалишта и планинарски домови, во трговски и други работни погони до 30 м2, во производствени погони, и во превозни средства во јавен линиски превоз на патници и авто-такси превоз на патници, надомест на користење да не се плаќа“, се вели во законското образложение.

М.В