/ Прочитано:

1.274

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОЧНА ПОСТАПКА: Даночните акти ќе се доставуваат и по електронски пат со пренос на податоци преку информацискиот систем на УЈП

Понеделник, 18 мај 2015 – Нови измени на Законот за даночна постапка се наоѓаат во собраниска процедура. Во законското решение се утврдува можноста даночните акти да се доставуваат и по електронски пат со пренос на податоци преку информацискиот систем на УЈП.

Целта на изготвениот Предлог на закон е да се овозможи доставувањето на даночниот управен акт и даночниот акт и по електронски пат со пренос на податоци или документи преку информацискиот систем на Управата за јавни приходи или на последната пријавена адреса на електронска пошта на даночниот обврзник во Управата за јавни приходи, со претходна согласност на даночниот обврзник.

Обврска за читливи и некриптирани податоци за корисничко име и лозинка

„Со предложените дополнувања на Законот за даночна постапка, во насока на обезбедување на поголема економичност и ефикасност во даночната постапка при користењето на податоците од Агенцијата за катастар на недвижности се пропишува правен основ со кој ќе се овозможи меѓусебната размена на податоци за даночни цели меѓу Управата за јавни приходи и агенцијата да се врши по електронски пат.  Во членот 60 од Законот за даночна постапка, се пропишува нов став според кој даночниот обврзник, кој дава информации, има обврска да даде читливи и некриптирани податоци за корисничко име и лозинка, кои се потребни заради овозможување на пристап до податоци кои се наоѓаат во уред за складирање, медиум или се обезбедуваат во согласност со членот 60-а од овој закон“, се вели во законското образложение.

УЈП да има можност да донесе одлука за замена на гаранцијата

Во предложеното решение предвидени се и измени и дополнувања на одредби од Законот што се однесуваат на начинот и постапката за одлагање на плаќање на даночниот долг и замена на видот на гаранцијата за обезбедување на плаќање на даночниот долг, со што се овозможува на Управата за јавни приходи на барање на даночниот обврзник, во рокот одобрен за одложено плаќање да има можност да донесе одлука за замена на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на даночниот долг по вид и висина, соодветно на износот на преостанатиот одобрен даночен долг.

Исто така, се вршат измени во дел од одредбите на законот со цел да се прецизира употребата на поимите „даночен обврзник“ и „даночен должник“.

M.В