/ Прочитано:

3.731

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЊЕ: Поефикасно спроведување на постапките за издавање на одобрение за градење

Во Собранието на Република Македонија, предложени се измени и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка. Во предложените измени се образложува дека целта на Предлог-законот е поефикасно спроведување на постапките за издавање на одобрение за градење.

akad 2

„Во согласност со Законот за градење утврдени се видовите на градби, категориите на градби, надлежните органи за издавање на одобрение за градење, постапката за издавање на одобрение за градење како и други прашања поврзани со изградбата на градбите. Причина за предлог-измената на Законот е реализација на мерките за подобрување на деловното окружување во согласност со препораките на Извештајот ‘Doing Business 2016’ на Светска банка, во делот на издавање на одобрение за градење“, се вели во законското образложение.

Во предложените измени, како вид урбана опрема се предвидува и опремата за спортско-рекреативни активности поради, како што се вели во образложението, подобрување на квалитетот на животот во урбаните средини.

Со измените се предвидуваат стручни квалификации за службените лица кои ја одобруваат проектната документација во постапките за издавање на одобрение за градење. На тој начин ќе се овозможи поголема стручност при оценувањето на проектната документација која се доставува со барањето за добивање на одобрение за градење и, во таа насока, како услов се пропишува овие службени лица да имаат одредено работно искуство во овие постапки или, пак, да имаат овластување за проектирање или за ревизија на проектна документација.

Исто така се врши прецизирање дека во постапката за издавање на одобрение за градење не се доставуваат хидротехнички услови за приклучок на објектот на водоводна и канализациона инфраструктура од причина што не се неопходни за изработка на проектната документација бидејќи надлежните јавни субјекти во постапката за издавање на одобрение за градење вршат увид во проектната документација и даваат мислење дали објектот може да се приклучи на водоводната и канализационата мрежа во согласност со доставениот основен проект.

Со предложените измени се утврдува и постапка за издавање на одобрение за градење за надградби на индивидуални куќи кои не се предвидени во планската документација, со која ќе се овозможи надградба на овие објекти доколку со постојниот објект не се искористени максималните параметри за овој вид објекти (10.20м или П+2+ПК), под услов постојниот објект да е запишан во имотен лист со утврдено право на сопственост.

Во Предлог-законот се предвидуваат и прекршочни одредби за службените лица кои не ги исполнуваат потребните стручни квалификации, а ќе заверат проектна документација, како и за службените лица на јавните субјекти надлежни за водоводна и канализациона инфраструктура кои ќе побараат од инвеститорот да достави хидротехнички услови, а се вршат и одредени номотехнички корекции на претходното дополнување на Законот.

М.В