/ Прочитано:

832

ЈАНЕВА: Избраните обвинители да не даваат свечена изјава

Петок, 16 октомври  2015 – Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева бара избраните седум обвинители да не дадат свечена изјава по повод нивниот избор од причина што, како што вели, таквиот акт би бил само потврда на одлуката на Советот, која е спротивна со Законот за јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. 

„Се заблагодарувам на Советот на јавните обвинители на Република Македонија на поканата да присуствувам на давањето свечена изјава на јавните обвинители, кои треба да бидат дел од тимот кој беше предложен од моја страна. Во овој контекст, реферирајќи се на доставената покана од страна на Советот, во консултација со дел од тимот на јавни обвинители кои се избрани и имајќи го во предвид нивниот став во врска со одлуката на Советот, им препорачувам да не ја прифатат поканата на Советот на јавните обвинители и да не дадат свечана изјава по повод нивниот избор, од причина што таквиот акт би бил само потврда на одлуката на Советот, која е спротивна со Законот за јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, вели Јанева во денешното соопштение до медиумите.

Обвинителите да покажат професионалност, стручност и самостојност

Таа бара Советот да закаже седница и да го избере тимот од јавни обвинители предложен од неа, согласно Законот за Специјалното обвинителство.

„Сметам дека во овој момент јавните обвинители треба да ја покажат својата професионалност, стручност и самостојност во донесување на одлуки и дека сите предложени јавни обвинители во мојот тим имаат заслужен кредибилитет да бидат дел од него“, се вели во соопштението.

Јанева, меѓу другото, преку соопштението изразува и благодарност за целосната подршка која, како што вели,  ја има од Претседателот на Република Македонија, од политичките партии потписници на Договорот од Пржино, од пратениците во Собранието на Република Македонија, од меѓународните фактори кои учествуваат во спроведување на Договорот од Пржино, од медиумите, како и од целиот македонски народ кој сака да живее во правна држава. 

Давањето свечена изјава е предвидено да се случи во понеделник во 11 часот во Советот на јавни обвинители. Во средата на седница Советоtодобри само седум од 14-те кандидати предложени од специјалната обвинителка.

Според одлуката на Советот донесена со тајно гласање, во тимот на Јанева одобрени се Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатим Фетаи.

Претседателот на Советот, Петар Аневски, изјави дека со оглед на фактот дека сè уште не се знае обемот на предметите со кои ќе работи обвинителката, бројот од седум обвинители е доволен за Специјалното јавно обвинителство да почне да работи. 

>> СОВЕТОТ ГО ПРЕПОЛОВИ ТИМОТ НА ЈАНЕВА: Прекршени се Законот и Договорот од Пржино, смета Јанева