/ Прочитано:

1.504

ЈАВНА ДЕБАТА: „Потребни реформи во јавниот радиодифузен сервис“

Понеделник, 20 јули 2015 – Денеска во Агенцијата за електронски комуникации во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, се одржа јавната дебата „Потребни реформи во јавниот радиодифузен систем“.

На јавната дебата учество зедоа претставници од државни институции, новинарски здруженија и асоцијации. Свои обраќања имаа министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, извршниот директор на Македонската радиотелевизија, Марјан Цветковски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани и претседателот на Македонската асоцијација на новинари, Слаѓана Димишкова.

„Целта на ваквите отворени дебати е да се отвори транспарентна дискусија, да се разменат мислења и идеи за начинот на работа на јавниот радиодифузен сервис. Од досегашната практика, по претходната дебата, беше заклучено, дека ваквиот начин на размена на мислења дава позитивни резултати“, нагласија од Министерството за информатичко општество и администрација.

Во таа насока, на дебатата се дискутираа прашањата поврзани со стабилното финансирање на Македонската радиотелевизија,  системот на наплата на радиодифузната такса,  но и забелешките кои доаѓаат од Европската унија.

Имено, во препораките и забелешките на ЕУ се потенцира дека сите медиуми мора да бидат ослободени од било каков политички притисок без мешање и закани, а медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и политичките партии.

„Јавниот национален сервис треба да настојува, да биде комплетно непристрасен и независен од политички, комерцијални и други влијанија и идеологии и да допринесе за информирање на граѓанството, се посочува во препораките од Извештајот на Прибе во врска со МРТВ, за кои министерот Ивановски подвлече дека Владата ги разгледува со внимание.

„Сите забелешки кои доаѓаат од Европската унија, Владата ги разгледува со особено внимание“, истакна тој, нагласувајќи дека во таа насока се подготвува кодекс на однесување во МРТВ, заснован на компаративните искуства и европските практики за работењето на јавните радиодифузни сервиси.

„Во однос на извештаите што доаѓаат од меѓународната заедница, ние како Влада сите препораки претпазливо ги дискутираме. Делот кој се однесува на МРТ е токму ставен во приоритетот на активности на специјалната министерска работна група во која еднаш неделно се состануваме. За брзо време согледувајќи ги нивните искуства ќе можеме да излеземе со еден предлог за тоа да се направи во Македонија“,  рече Ивановски.

Тој информираше дека Владата на Република Македонија на 10 февруари 2014 година донела одлука во која што се формираше работна група која што ќе ги согледа начинот на наплата на радиодифузна такса во Република Македонија со цел да се подобри истата и да се овозможи на МТВ, на УЈП и на РП радиодифузија како и за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги да имаат повисоки приходи.

„Во таа работа група имаше претставници од невладиниот секотор и претставници од голем број на институции, кои што на транспарентен начин дискутираа за предизвиците со кои се соочува МТВ при наплатата на радиодифузна такса“, рече тој, подвлекувајќи дека реформи во таа насока ќе се одвиваат и преку набавка на опрема и инвестирање во човечкиот капитал.

„Од средствата кои што УЈП ги прибира во име на МРТВ 3% остануваат за УЈП, 74, 5% одат за МРТВ, 19,5 % одат за ЈП Македонска радиодифузија и 6% за Агенцијата за регулирање на развојот на медиумите а аудиовизуелните медиумски услуги“,  додаде Ивановски.

Извршниот директор на Македонската радиотелевизија, Марјан Цветковски, рече дека приходите на јавниот сервис изнесуваат 14,5 милиони евра, од кои 9,5 милиони доаѓаат од радиодифузна такса, 1,1 милион евра од маркетинг и 3,9 милиони евра од Буџетот на Република Македонија.

„МРТВ се финансира од радиодифузна такса, маркетинг и од други извори на финансирање. За минатата година реалниот буџет на МРТВ изнесува 14, 5 милиони евра од кои радиодифузната такса изнесува 9,5 милиони евра, маркетингот е 1,  милион евра и наменски средтсва од буџетот на Македонија 3,9 милиони евра. За последниот квартал од оваа година наплатата на радиодифузна такса изнесува 74 %. И покрај големиот скок во приливот сите овие средства не се доволни за стабилност во работењето на МРТВ“  рече  Цветковски.

Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за Медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, рече дека МРТВ има  потреба од дополнителни средства се со цел да ги исполни обврските кои ги има од законот за аудиовизулелни медиумски услуги.

„МРТВ има значително поголеми обврски  во делот да создава одреден број на часови на играна и документарна програмана годишно ниво, потенцираше Трајчевски.

Од ЗНМ и од МАН исто така ги искажаа своите сугестии и забешелешки. Според  Насер Селмани од ЗНМ, потребно е од Буџетот на Република Македонија треба да се оддели 1% за финансирање на МРТВ, додека пак, Слаѓана Димишкова од МАН, вели дека потребно е да да се формира уште еден програмски канал на кој уредниците ќе ги поставува партијата што е во опозиција. Насер Селмани, претседателот на ЗНМ, истакна и дека  треба да се обезбеди финасиска независност и избор на раководниот кадар преку концепт на парламентарен и граѓански модел.

М.В