/ Прочитано:

904

Јавните обвинителства на Македонија и Бугарија потпишаа спогодба за соработка

Понеделник, 20 април 2015 – Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски денеска во Скопје со бугарскиот колега Сотир Цацаров потпиша Спогодба за соработка, со цел, како што наведуваат од Обвинителството, да се зајакнат контактите во сите области од оваа  дејност.

Спогодбата, како што стои во соопштението од македонското Јавно обвинителство, е во согласност со легислативата на двете држави и преземените меѓународни обврски.

„Соработката се однесува на борбата против организираниот криминал, корупцијата, транснационалниот организиран криминал, трговијата со луѓе, нелегалната трговија со оружје, наркотични средства и психотропни супстанции, кривични дела во сферата на високата технологија, економски и стопански криминал и други видови на криминал кои претставуваат сериозна закана за општеството и соработка за прашања поврзани со екстрадиција, трансфер на осудени лица и правна помош за кривични предмети“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство на РМ.

Двајцата обвинители на средбата, како што се посочува, ја истакнале важноста на развојот на меѓусебната соработка и партнерство за прашањата од заеднички интерес, како и важноста од квалитативно унапредување и усовршување на носителите на јавнообвинителската функција.

„Водени од желбата за зајакнување и  усовршување на јавно обвинителската работа, обвинителите се договорија и за остварување на соработка за подготовка и зголемување на квалификацијата на кадрите во јавното обвинителство, усовршување на организацијата, формите и методите на работа на јавното обвинителство и научно -истражувачка дејност за прашања од заеднички интерес преку размена на информации и искуство, размена на делегации, како и одржување на заеднички научни истражувања, семинари, експертски средби и консултации“, се додава во соопштението.