/ Прочитано:

1.137

ПРИМЕРНО ПОВЕДЕНИЕ: Кривичниот суд и ЈО сметаат дека има услови за условен отпуст на Вранишковски

Понеделник, 12 јануари 2015 – Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција смета дека се исполнети законските услови за примена на условен отпуст за Вранишковски.

Се однесувал примерно и го почитувал куќниот ред  во затворот

„Осудениот Јован Вранишковски е правосилно осуден на единствена затворска казна  од пет гонини и пет месеци. Досега издржал вкупно 36 месеци затвор, што значи дека издржал половина од затворската казна на која што е правосилно осуден. За време на издржувањето се однесувал примерно и го почитувал куќниот ред  во затворот, при што ги извршувал и работните обврски. Воедно од осудениот со правосилна пресуда конфискувана е во корист на оштетената Македонска Православна Црква непосредната и посредната имотна корист која била прибавена со кривичното дело на осудениот. И тоа конфискувани му се вкупно 4 940 400 денари, а од друга страна во корист на оштетената Македонска Православна Црква конфискуван е и недвижен имот – земјиште во м.в. Голема нива, запишано во имотен лист  во К.П Нерези со површина од вкупно 4859 м2.

Имајќи во предвид дека осудениот издржал повеќе од половина од затворската казна на која е правосилно осуден, а штетата која била причинета со дејството на Јован Вранишковски за која е правосилно осуден е надоместена, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција смета дека се исполнети законските услови спрема осудениот Јован Вранишковски да се примени институтот Условен отпуст“, смета Основното обвинителство.

И според одлуката на скопскиот Кривичен суд процесот на ресоцијализација кај осудениот Вранишковски е во целост постигнат, укажувајќи и на, како што се наведува, неговото беспрекорното и примерно поведение.

 Беспрекорно поведение 

„Осудениот е примерен, ги почитува одредбите од куќниот ред, нема сторено никаков дисциплински престап или прекршок и не му се изречени дисциплински казни. Осудениот во целост го прифаќа третманот, активно учествува во него, има коректен однос со останатите осудени лица, а во комуникацијата со службените лица покажува високо ниво на почитување. Се наведува дека во конкретниот случај постигната е целта на казнувањето и може да се очекува дека во иднина осудениот ќе се однесува во склад со законските прописи. Се наведува дека осудениот боледува од хронична шекерна болест и зголемен крвен притисок, за што во прилог се доставува медицински наод од домскиот лекар. Во тој контекст Советот утврди дека првиот услов за позитивна одлука по предлогот за условен отпуст кој се однесува на времето поминато на извршување на казната затвор е исполнет, бидејки осудениот има издржано повеќе од една третина од изречената казна. Ваквиот услов треба да биде доведен во корелација со вториот услов кој се однесува на околноста дека осудениот се поправил до степен што основано може да се очекува дека на слобода добро ќе се однесува, односно дека нема да врши кривични дела, со што се остваруваат целите на казнувањето. Имајки го во предвид погоре наведеното односно наводите истакнати во предлогот за условен отпуст, податоците од казнено поправната установа и изјавата дадена на седница пред овој суд од страна претставникот овластен од директорот на казнено поправната установа, каде осудениот ја издржува казната, утврди дека во конкретниот случај има услови за примена на институтот условен отпуст. Ова дотолку повеќе што условниот отпуст претставува посебен кривично пеницитијарен институт со кој се овозможува предвремено отпуштање на осудениот од издржување на казната затвор, доколку бидат исполнети законските услови за тоа, определени во одредбата од чл.36 од КЗ, а кој во основа ги има резултатите од процесот на ресоцијализација на осудениот при издржување на казната затвор. Од друга страна, процесот на ресоцијализација применуван во установата го постигнал највисокиот степен, со што е остварена и целта на казнувањето предвидена со чл.32 од КЗ. Во таа смисла, од изјавата на претставникот овластен од директорот на казнено поправната установа, каде осудениот ја издржува казната, произлегува дека процесот на ресоцијализација кај осудениот е во целост постигнат со оглед дека осудениот од приемот во установата од 12.12.2011 година е со беспрекорно и примерно поведение, истиот е исклучително добра личност која нема поголеми побарувања освен во однос на болеста со оглед дека е дијабетичар и потребен му е посебен режим на исхрана каков во затворот не може да се обезбеди, во делот на ресоцијализацијата е контактибилен, прилагоден на куќниот ред кон кој се придржува. Со оглед на наведените карактеристики на осуденото лице и неговото беспрекорно поведение, истиот се издвојува од другите осудени лица, поради што Казнено поправната установа каде осудениот се наоѓа на издржување на казната затвор, се јавува како подносител во молбата за условен отпуст. При одлучувањето, Советот ги ценеше и околностите врзани со здравствената состојба на осудениот кој боледува од хронична шекерна болест и зголемен крвен притисок, состојби за кои е потребно редовно да се извршуваат контроли и да се следат со соодветна терапија, па во корелација со поведението на осудениот во установата и неговите карактеристики, се утврди дека е исполнет и вториот услов за позитивна оценка по предлогот за условен отпуст, бидејки процесот на ресоцијализација кај осудениот е постигнат, така што основано може да се очекува дека на слобода истиот добро ќе се однесува, а особено дека нема да врши кривични дела, на кое нешто укажува примерното поведение со почитување на куќниот ред, поради што следуваше предлогот за условен отпуст да го уважи и осудениот да го отпушти од издржување на казната затвор во КПУ Идризово Скопје ден 19.01.2015 година, под услов до истекот на времето за кое е изречена казната затвор да не стори ново кривично дело, а ова пред се како би се постигнала целта на казнувањето и тоа на планот на специјалната така и на планот на генералната превенција. Поради наведеното, а воедно имајки го во предвид и неиздржаниот дел од изречената казна, Советот утврди дека има услови за примена на институтот условен отпуст, односно дека процесот на ресоцијализација на осудениот е постигнат, поради што следуваше да донесе одлука како во диспозитивот на ова решение, а ова пред се како би се постигнала целта на казнувањето и тоа на планот на специјалната така и на планот на генералната превенција“, се образложува во одлуката на Кривичниот суд.

М.В