/Прочитано:

317

КАДИЈА ТЕ ТУЖИ, КАДИЈА ТЕ СУДИ: Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски бара нов концепт за евалуација на високото образование

Среда, 27 мај 2015 – Како до подобро високо образование и до квалитетен Закон за високо образование? Овие прашања беа елаборирани на Филозофскиот факултет во Скопје при промоцијата на книгата „Состојбите и потребите за квалитет на високото образование во Република Македонија“ во авторство на долгогодишниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски.

На промоцијата на „Состојбите и потребите за квалитет на високото образование во Република Македонија“, Никола Петров, универзитетски професор и еден од основачите на Педагошкиот факултет, рече дека за квалитетно образование неминовна е вклученост на повеќе фактори и субјекти, кои низ методичен и аналитичен пристап детално ќе ги елаборираат теоретските и практичните аспекти на високото образование.

Петров, покрај тоа што нагласи дека за високото образование од примарно значење е и функционирањето на Финансискиот совет,  додаде дека во контекст на високото образование неминовно е функционирање на Национален совет преку кој ќе се анимираат искусните поединци од областа на високото образование.

Во таа насока, тој истакна дека предлозите на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски за подобро високо образование се токму во таа насока и цел на подетална разработка на прашањето за квалитетот на високото образование.

Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски во своето обраќање и во елаборацијата на предлозите првенствено истакна дека за донесување на Законот за високото образование потребно е да бидат вклучени и слушнати студените и да се инкорпорираат нивните предлози и ставови.

„Студентите не треба да бидат пасивни, туку активни. Тие мора да бидат вклучени во процесите. Без тоа не може да има квалитет на образованието. Исто така, за каков квалитет на високото образование се говори кога не функционира Одборот за евалуација и акредитација“, нагласи Илиевски, додавајќи дека високообразовните институции треба да се ослободат и да го напуштат традиционализмот и вербализмот, третирајќи ги студентите како објекти и како пасивни набљудувачи.

„Високообразовните установи треба да имаат предвид дека учеството на студентите во управувањето на високото образование е обврска од Болоњскиот процес. Студентите се полноправни членови на високообразовната заедница и се способни, активни и конструктивни партнери во уредувањето и обликувањето на европската област на високото образование“, укажува Илиевски.

Според  просветниот инспектор, неминовно е да се преиспитаат дисперзираните студии бидејќи не го оправдуваат своето постоење во однос на квалитетот, што, пак, е поврзано и со нефункционирањето на Одборот за евалуација и акредитација.

„Вака немаме параметри. Треба да се види кој универзитет со каков квалитет е. Треба конкретно да се дефинира што значи автономија на универзитетот и академиската слобода, што значи партиципација на студентите во управувањето и во одлучувањето, со посебен осврт на наставата, на наставно-истражувачката работа, на творењето и слично. Во делот на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование нормативно-правно постои Одбор за акредитација и евалуација на високото образование. Во практиката функционира само Одборот за акредитација, но не функционира евалуацијата, која е заемно тело. Нелогичност од проста причина како што популарно се вели меѓу народот кадија те тужи, кадија те суди. Тоа значи дека во новиот закон треба да се одвојат како посебни тела – одбори, Одбор за акредитација и Одбор за евалуација. Немање евалуација значи немање процена, вреднување“, смета Илиевски.

Според Илиевски, во Македонија постои квалитетен кадар и не може да се говори, како што подвлече, дека е Македонија пуст остров. Сепак, додава тој, потребни се промени.

„Во македонскиот образовен систем сè уште се присутни: дизајнирани курикулуми, фаворизирање на енциклопедизмот, историцизмот, шематизирана и униформирана настава, не постои интеракција, учебниците се недостапни“, подвлекува Илиевски, повикувајќи се на своите искуства како просветен инспектор.

Илевски потенцира дека образованието е ресурс што создава ресурси, а универзитетската автономија мора да се почитува и оттука е потребно потемелно да се анализира и да се реализира прашањето за новиот Закон за високо образование.

„Законот за високо образование треба да се пролонгира за една година и да се седне на заедничка маса и за него да расправаат сите заинтересирани страни, како претставници од Професорскиот и Студентскиот пленум, претставници на Универзитетот така и претставници на МОН“, предлага просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски.

М.В