/ Прочитано:

1.621

Казните и забраните кои се предлагаат за објавување на материјали од незаконско следење на комуникациите

Вторник, 6 октомври 2015 – Група прaтеници од владејачкото мнозинство поднесоа Предлог-закон за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите, по скратена постапка. Во образложението на Предлог-законот се посочува дека неговата цел е утврдување на кривична одговорност на лицата кои ќе ја повредат со Устав загарантираната слобода на граѓаните, a законот ќе придонесе за неповредливост на сите облици на комуникација на граѓаните.

„Во Република Македонија целосно не е уредена забраната за поседување, обработка, јавно објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации; обврската за нивно предавање на надлежна институција, ниту кривичната одговорност во врска со последиците кои може да произлезат од поседувањето, обработката, располагањето и објавувањето на материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации. Со оглед на тоа што незаконското следење на комуникациите претставува директна повреда на уставно загарантираната слобода и неповредливост на сите облици на комуникација на граѓаните потребно е со закон да се уреди и забраната за поседување, обработка, јавно објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации и кривичната одговорност на лицата кои нема да ја почитуваат оваа забрана“, се вели во законското образложение.

Какви забрани и казни предвидува Предлог-законот?

Со Предлог – законот се утврдува забраната за поседување, обработка, јавно објавување преку медиуми, социјални мрежи, веб портали и било која друга форма на јавно објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес.

Покрај посочената забраната, се утврдува и обврската за предавање на материјалите од незаконско следење на комуникации на надлежен јавен обвинител, како и кривичната одговорност за непредавањето на материјалите и за нивно неовластено објавување и пренесување.

„Се забранува поседување, обработка, објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации“, се пропишува во предложеното законско решение, во кое се вели и дека тој што неовластено поседува, обработува и располага на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации, ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години.

Се предвидува и казна затвор од најмалку четири години за тој што неовластено на било кој начин ќе објави или пренесе прислушкувани или тонски снимени разговори или делови од нив или нивни транскрипти на територијата на Република Македонија или во странство.

Доколку неовластено објавување или пренесување на прислушкувани или тонски снимени разговори или делови од нив или нивни транскрипти доведе до настанување на правни, материјални или други штетни последици на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку пет години.

Ако пак дојде до нанесување на тешки телесни повреди на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, или на нему блиско лице, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку осум години.

Доколку неовластено објавување или пренесување на прислушкувани или тонски снимени разговори или делови од нив или нивни транскрипти доведе смрт на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, или на нему блиско лице, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку  10 години.

Ако делото од овој член го стори правно лице ќе се казни со парична казна, а одговорното лице во правното лице ќе се казни со казна затвор, во согласност со предвидените законски казни.

Должност материјалите да се предадат  на надлежниот јавен обвинител

Во Законот се пропишува дека „Секој кој поседува или има пристап до материјали од незаконско следење на комуникации е должен во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги предаде материјалите на надлежниот јавен обвинител“

Партиски реакции за Предлог – законот

Според Петре Шилегов, предложениот закон не е дел од договорот во Пржино, и е обид за нарушување на преговарачкиот процес.

„Дали воопшто ќе дојде на седница и дали воопшто ќе се дискутира за овој предлог законе прашање за кое ќе посведочи самата јавност. За нас е битно што е конечно признаено, содржината на прислушуваните разговори. Нема да дозволиме да се наруши преговарачкиот процес, да почекаме овој закон да ја види светлината на денот“, вели Шилегов.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски, целта на поднесениот закон е да се избегнат евентуални уцени , закани и притисоци врз граѓани кои би можеле да произлезат од прислушуваните разговори. Тој вели дека овој закон бил договорен во пакет со законот за специјален јавен обвинител.

„Обврската е преземена од претседателот на СДСМ и сметаме дека треба да се почитува. Неточни се тврдењата дека некој се плаши или бега од овие материјали“, вели Димовски.

Целосен текст на предлог-законот

М.В