/ Прочитано:

1.513

„Ќе ја бојкотираме работата на судовите доколку не се измени Законот за судска служба“ – БОРЧЕ МИРЧЕСКИ, претседател на Здружението на судска администрација

Постои огромно незадоволство кај вработените во судската служба во врска со решенијата во Законот за судска служба. Законот е демотивирачки, противуставен и штетен за судската служба. Доколку не се остварат нашите барања, ќе ги радикализираме активностите. Не се исклучени и штрајкови и протести, заради што веќе сме оствариле и средби со други здруженија, како и со претставници на синдикатот на УПОЗ. Верувам дека Владата ќе пристапи кон измени на овој закон и без ваквите чекори и затоа го чекаме нејзиниот став во однос на нашата иницијатива, вели во интервјуто за Академик, Борче Мирчески, претседател на Здружението на судска администрација.

„Статусот на судската администрација до 2008 година беше регулиран со Законот за државни службеници. Во согласност со Уставот на РМ е предвидено дека државната власт се дели на законодавна, извршна и судска власт. Во рамките на ваквата уставна определба и поделба на власта, судските службеници не може да се изедначуваат со службениците од законодавната и извршната власт и аналогно на тоа нивниот статус треба да биде регулиран со посебен закон. Посебен закон кој ќе биде различен од законите што го регулираат статусот на вработените во државната администрација. Во 2008 година за прв пат судската администрација се одделува од рамките на државната администрација, нејзиниот статус е регулиран со Законот за судска служба, а судската администрација добива звање „судска служба“, додека, пак, вработените во судовите во согласност со Законот за судска служба добиваат статус вработени во судската служба. Во 2010 година Законот за судска служба трпи измени и дополнувања. И законот од 2008 година и Законот за изменување и дополнување од 2010 година се изработуваат по американски  концепт“, го образложува Мирчески текот на законските измени на Законот за судска служба, кој со последните измени резултирал со, како што подвлекува, измени донесени во нетранспарентна постапка.

За законските измени не се консултирани ниту вработените во судската служба

Претседателот на Здружението за судска администрација објаснува дека при донесувањето на новиот закон во 2014 година тие не биле консултирани ниту како судска служба.

„Во 2014 година во скратена и нетранспарентна постапка под изговор дека се прават измени во Законот за судска служба, и тоа во мал дел, донесен е нов Закон за судска служба којшто е концептуално различен од претходниот Закон за судска служба и всушност измените не се мали, туку е изменет целиот Закон. При донесувањето на овој закон не се консултирани ниту вработените во судската служба коишто ги третира овој закон, ниту експертската фела, туку тој е донесен без нивно учество во донесувањето.“

Предметниот закон е нејасен, недоречен и неприменлив

Според Мирчески, предметниот закон е противуставен, нејасен, недоречен и неприменлив.

„Предметниот закон е противуставен, нејасен, недоречен, контрадикторен, неприменлив, демотивирачки, ограничувачки и несоодветен за специфичностите на судската служба, поради што во продолжение укажуваме на некои од одредбите што имаат ваков карактер и предлагаме измени и дополнувања на Законот. Во делот на посебните работни компетенции што треба да ги исполнуваат сите категории судски службеници наложува поседување меѓународно признати сертификати објавени од официјален тестатор опишани во членовите 10, 11 и 12. Во овој дел предлозите за измена се иницирани од фактот што судските службеници во вршењето на своите работни  задачи немаат потреба од примена на кој било странски јазик. Истовремено, оваа одредба предизвикува финансиски импликации по вработените за здобивање на сертификатите што се бараат по Законот, а кои треба да се обновуваат на секои 2 години. Законската одредба од членот 9 став 3 од ЗСС (Законот за судска служба) регулира дека судскиот администратор се избира од редот на судските службеници од категоријата Б, кои треба да ги исполнуваат посебните услови за работно место за ниво Б1 на раководни судски службеници. Оваа одредба во судството е целосно неприменлива од причини што во ниту еден суд во Република Македонија нема раководни судски службеници“, појаснува Мирчески.

Законски слабости и недостиг на одредби

Поконкретно, Мирчески набројува законски слабости и недостиг на одредби, како што е регулирањето на постапката за оценување на судскиот администратор.

„Во актуелниот закон предвидено е оценувањето на судскиот администратор да го врши претседателот на судот по предлог и мислење на претседателите на судските оддели.  Ваквата одредба е несоодветна, не е целосно обработена и го нарушува професионалниот интегритет на судскиот администратор и неговото објективно и законито постапување, а директно влијае врз намалување на професионалноста на судскиот администратор и на судот. Исто така, во делот на законските одредби за пополнување на испразнетите работни места по кој било основ, укажуваме дека треба да му се даде приоритет на интерниот оглас. Ова е од причина што во судовите работат судски службеници со долгогодишно професионално искуство, чијашто единствена можност за унапредување и мотивација е примената на интерниот оглас. Поради наведеното, при пополнувањето на слободните работни места предлагаме најпрво да се спроведе постапка за интерен оглас.  Во делот на оценувањето, законските одредби што го регулираат начинот на оценување на судските службеници се демотивирачки и ограничувачки бидејќи е строго утврден процентот на казнување и наградување. Акцентот е ставен на казнувањето, а не на наградата како мотив за поквалитетно и стручно извршување на работните задачи. Одредбите за оценување се преклопуваат со одредбите за дисциплинска одговорност. Делот на оценување треба да предизвика мотивација, да има карактер на наградување. Оценувањето треба да има правилно утврдени критериуми за утврдување на оценката на вработените, но никако не смее да биде лимитирано со процент. Критериумите треба да се утврдат преку подзаконски акти и тоа за секоја група судски службеници посебно имајќи ги предвид спецификите на секоја група, а вклучувајќи ја и судската полиција“, образложува претседателот на Здружението за судска администрација.

Тој додава дека во постојниот Закон за судска служба не постојат одредби за додаток на плата за кариера на судските службеници.

„Во постојниот Закон за судска служба не постојат одредби за додаток на плата за кариера на судските службеници, кој сметаме дека треба да биде предвиден во Законот поради фактот што би претставувал мотив за судските службеници за поквалитетно извршување на работните задачи од една страна, а од друга страна со тоа би се оправдала смислата на оценувањето. Сакаме да укажеме и на фактот дека додатокот за степен на кариера беше инкорпориран во претходниот Закон за судска служба кој важеше до 2014 година“, вели Мирчески.

Законот има противуставни и дискриминаторски одредби

„Доставување докази за познавање странски јазици и работа со компјутерски програми за канцелариско работење за веќе вработени службеници е противуставна одредба бидејќи има ретроактивно дејство. Барањето за доставување на горенаведените докази за веќе регулиран работен однос претставува поставување нови услови за веќе стекнато право. Поради тоа предлагаме таа да биде избришана.   Оваа одредба има и дискриминаторски карактер. Тоа е од причини што не се однесува на оние судски службеници кои во моментот на отпочнување со примена на Законот имаат помалку од 10 години до пензионирање“, потенцира тој.

Огромно незадоволство кај вработените во судската служба

Претседателот на Здружението на судска администрација вели дека постои огромно незадоволство кај вработените во судската служба во врска со ваквите законски решенија.

„Здружението на судска администрација како легитимен претставник на вработените во судската служба со околу 1000 членови незадоволно од вака спроведената постапка за донесување на Законот, како и заради понудените законски решенија во новиот Закон за судска служба, уште во март 2014 година поведе иницијатива за менување на веќе донесениот Закон и притоа изработи свој законски текст. Законскиот текст на Законот за судска служба со свои законски решенија Здружението на судска администрација (ЗСА) го изработи со сопствени средства и кадар, но и со финансиска помош на проектот за јакнење на судството при УСАИД. Таквиот текст е доставен до Министерството за правда и побарано е од Министерството за правда да го разгледа и пред стапување во сила на Законот за судска служба, во координација на Здружението на судска администрација, да започне постапка за менување на Законот за судска служба.  ЗСА на форум за судска власт издејствува заклучок во кој стои дека Законот е демотивирачки, дека во себе содржи противуставни и дискриминирачки законски одредби и дека треба да претрпи измени пред да започне неговата примена. Ваквите заклучоци исто така се доставени до Министерството за правда“, подвлекува Мирчески, посочувајќи дека изработило и поднело иницијатива за оценување на уставноста на Законот до Уставниот суд на РМ.

Иницијатива за оценување на уставноста до Уставниот суд

„Во месец ноември ЗСА организираше тркалезна маса на која беа поканети претставници и од правосудните органи и од извршната власт, како и експерти. Од тркалезната маса беа донесени повеќе заклучоци кои парафразирано укажуваа на демотивирачкиот карактер на Законот, на неговите противуставни и дискриминаторски законски одредби, на противзаконските одредби содржани во Законот, како и за погрешно поставен концепт сосема различен од претходниот. И овие заклучоци благовремено се доставени до Министерството за правда, но и овие заклучоци не побудија интерес кај претставниците на Министерството ниту ги охрабрија да закажат средба со претставници на ЗСА и да започнат постапка за менување на Законот. ЗСА, согледувајќи ја незаинтересираноста на извршната власт, изработи и поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот до Уставниот суд на РМ, меѓутоа Уставниот суд на Р. Македонија сѐ уште се нема произнесено за неа“, појаснува тој.

Да се измени и Законот за судови во делот на избор на судии

Како што вели Мирчески, ЗСА има и предлог за измена на Законот за судови, и тоа во делот за избор на судии.

„Предлогот на ЗСА за измена на Законот за судови, во делот за избор на судии, се состои во воведување на законска одредба што ќе им овозможи на стручните судски службеници кои работаат во судовите, под определени критериуми (работно искуство, квалитет, покажани резултати) утврдени во закон, да можат да бидат избирани за судии без да се стекнат со статус „кандидат за судија“ преку Академијата за судии и обвинители. Овие кадри кои зад себе имаат долгогодишно работно искуство и кои успешно, квалитетно  и стручно ја вршат својата работа не можат да бидат избирани за судии доколку не се стекнат со статус „кандидат за судија“ преку Академијата за судии и обвинители. Предлогот на ЗСА е и на овие веќе докажани кадри да им се овозможи да бидат избирани за судии, а преку Академијата да посетуваат потребен, однапред утврден квантум на часови со кои ќе ја усовршуваат својата стручност и квалитет. Нашиот предлог се темели и врз одредени анализи направени во судството во периодот кога изборот се вршеше и од редовите на кандидатите кои посетувале Академија и од другиот стручен кадар. Овие анализи  покажуваат дека многу побрзо во судиската професија се снаоѓале судиите  што биле избирани од редот на кадри кои биле вработени во судовите. Овие судии покажувале и многу поголеми квалитети за пократок временски период од моментот на нивниот избор“, го објаснува Мирчески предлогот на Здружението.

Радикализирање на активностите

Мирчески најавува и радикализирање на нивните чекори доколку не се измени Законот за судска служба.

Сметаме дека сме ги поминале сите филтри за институционално решавање на овој проблем за вработените во судската служба и дека сега треба да се радикализираат нашите чекори и активности, и од тие причини бараме начини за медиумско покривање во намерите на ЗСА за доаѓање до целта за изменување на Законот за судска служба. Во овој момент очекуваме произнесување од страна на Владата на РМ по поднесената иницијатива од наша страна за измена на Законот за судска служба.  Доколку и оваа иницијатива не резултира со измени на Законот или со формирање работна група во која ќе партиципираат претставници на ЗСА и правни експерти и која ќе започне постапка за менување на Законот, ЗСА сериозно размислува за бојкот на работата на судовите. Не се исклучени и штрајкови и протести, заради што веќе сме оствариле и средби со други здруженија, како и со претставници на синдикатот на УПОЗ. Верувам дека Владата ќе пристапи кон измени на овој закон и без ваквите чекори и затоа го чекаме нејзиниот став во однос на нашата иницијатива. Паралелно со тоа ние преговараме со други асоцијации и здруженија, го анимираме нашето членство и го запознаваме со законските одредби од наименуваниот закон“, нагласува Мирчески.

Судството навистина треба да биде без партиски или други политички стеги

Во таа насока, Мирчески вели дека на судството му се потребни и реформи во однос на неговата независност, а не само на Законот за судска служба. Тој предлага и конкретни мерки и решенија за исполнување на таа цел и начела.

„Пред сѐ, судството навистина треба да биде независно, без партиски или други политички стеги. Изборот на судии да се врши врз основа на квалитетни критериуми. Да се врати начинот на избор на судии, според кој изборот се вршеше од редот на стручниот кадар кој работи во правосудните органи. Стручниот кадар кој работи во правосудните органи постојано да биде следен во работата, оценуван и континуирано обучуван. Квалитетот да биде услов за напредување на стручните службеници на нивните работни места, а изборот на судии да се врши од редот на стручните службеници кои биле оценувани со  највисоки оценки во нивната работа и кои имаат највисоко звање во институцијата во која работаат. При изборот на судија задолжително да се вреднува оценката што ја добил службеникот од страна на Академијата при спроведувањето на обуките. Обуката која во континуитет ќе ја посетуваат службениците пред изборот на судија, со точно предвиден фонд на часови и теми, да продолжат да ја посетуваат и по изборот за судии. Академијата за избор на судии и обвинители да изработува каталози со точен број часови и теми за секој судија и судски службеник“, вели претседателот на Здружението на судска администрација.

18.5. 2015

M.В / veljanoskim@akademik.mk