/ Прочитано:

2.379

Клучните работи и најчестите грешки на кои треба да се внимава при обработката на жалбата пред ЕСЧП

Кои се најчести проблеми и грешки на адвокатите и правните застапници во процесот на поднесување на жалба пред ЕСЧП и кои се клучните работи кои треба да се имаат предвид кога се пополнува образецот за жалбата пред ЕСЧП, беше темата на денешното советување кои се одржа во Академијата за судии и јавни обвинители.

akademik foto 1

Во врска со најчестите грешки при обработката на жалбата и примената на судската пракса на ЕСЧП со цел да се подобри подготвувањето на жалбата пред ЕСЧП, на денешниот настан говореа Костадин Богданов, директор на Бирото за застапување на Македонија пред ЕСЧП, Велимир Деловски од Бирото за застапување на Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Емилија Плаксинс од Латвија, заменик-раководител на Канцеларијата на претставникот на Латвија пред меѓународните организации за човекови права, и Наталија Фреимане, трет секретар во Канцеларијата на претставникот на Латвија пред меѓународните организации за човекови права.

Честите грешки во процесот на поднесување на жалбата

Како што подвлекоа македонските и латвиските предавачи, едни од најчестите грешки при обработката на жалбата се неподнесувањето по пошта на најновиот образец до Европскиот суд за човековите права, ненаведувањето на државата што е одговорна за наводната потреба, недавањето на важни информации за предметот на Судот и  недавањето на изјава за повредите.

„Образецот за жалбата треба да даде концизна и комплетна верзија на вашата приказна што содржи факти, наводни повреди и исцрпени правни лекови. Жалителот мора да изјави кој член од Конвенцијата бил прекршен и суштината за тоа како биле повредени неговите права“,  им беше предочено на адвокатите на советувањето.

akad 2

Понатаму, на советувањето беше посочено дека како едни од најчестите грешки кои се јавуваат во праксата се и необезбедувањето на документи што го потврдуваат исцрпувањето на домашните правни лекови, како што е на пример изнесувањето на жалбите пред национален суд, како и усогласеноста со правилото за шестмесечниот рок. Воедно, беше потенцирано дека и непотпишувањето на образецот за жалбата од страна на жалителот или од страна на застапникот, исто така се сретнува како проблем.

„Потребно е да се внимава сите релевантни одлуки од националните органи да се приложени кон образецот на жалбата и да му бидат ставени на располагање на Судот за да ги разгледа. Исто така треба да се внимава правните документи што имаат правни последици да се даваат со оригинален потпис“, беше акцентирано на советувањето, на кое беше образложено и дека како една од најчестите грешки во праксата е и испраќањето на образецот на жалбата во последен момент.

„Честа грешка е и испраќањето на образецот на жалбата во последен момент, т.е. пред да истече рокот од шест месеци. Доколку образецот за жалбата е некомплетен или отфрлен, нема да има повеќе време за повторно поднесување на вториот комплетен образец за жалбата“, беше истакнато на советувањето.

Клучни работи кои треба да се имаат предвид при обработката на жалбата

 Во однос на клучните работи кои треба да се имаат предвид при обработката на жалбата, предавачите нагласија дека Судот не е уште една апелација или четврта инстанција. Правната постапка пред Судот се разликува од оние што се водат на национално ниво, а принципот на супсидијарност бара националните судови да имаат можност да ги разгледаат и да ги надоместат наводните повреди.

akad 2

Не е во надлежност на Судот да поништи или да укине пресуда или одлука донесена од националните органи, да одлучи да ослободи жалител од затвор, да го пресмета повторно износот на пензијата што го дава државата итн. Надоместот што може да го определи Судот не може да се смета како средство за збогатување.

Судот применува строги правила за пополнување и за поднесување на образецот за жалбата. Потребно е да се користи ажурираниот образец за жалбата, кој всушност се однесува на правилото 47–1 од Деловникот на Судот).

Исто така, при пополнувањето на образецот за жалбата потребно е да се приложат потребните документи, а образецот да биде целосно читлив . Исто така, потребно е во образецот да бидат пополнети сите полиња што се релевантни за ситуацијата, која пак во образецот треба да биде објаснета целосно и концизно. Исто така, жалбата мора да биде потпишана од жалителот/застапникот.

Кои се понатамошните чекори?

Жалбите до Судот можат да се поднесат само по пошта, а не и телефонски. Хартиената верзија од образецот за жалбата, со оригиналните потписи на жалителите или застапникот, мора исто така да се испрати по пошта.

„Доколку не се обезбедат еден или повеќе потребни документи, жалбата нема да се смета за комплетна и Судот нема да ја разгледа“, беше нагласено на настанот.

foto

Регистарот на Судот ќе отвори досие и Судот ќе ја чува преписката само ако Судот добие комплетен образец за жалбата со придружните документи. Доколку образецот за жалба не е уредно пополнет, Регистарот на судот ќе го извести жалителот наведувајќи дека не е во согласност со правилото 47, дека не е отворено досие и дека не се чуваат документи. Жалителот може да поднесе нова жалба – пополнет образец за жалба со приложување на сите релевантни документи, дури и ако биле претходно испратени.

Исто така, доколку образецот за жалбата е уредно пополнет, жалителот ќе добие досие отворено на негово име, чијшто број треба да се наведе во секоја последователна преписка. Она што треба да се знае, беше потенцирано на советувањето, е дека отворањето на досието не треба да се меша со одлуката за допуштеност на предметот.

„Регистарот може и понатаму да стапи со вас во контакт со барање за дополнителни информации и за појаснувања. Одговорете уредно и брзо на секоја преписка со Регистарот. Секое задоцнување или неодговарање може да доведе до тоа Судот да не ја разгледа жалбата!“, беше резимирано на советувањето.

M.В