/Прочитано:

331

Принципот ne bis in idem во казненото право

Книгата „Ne bis in idem во казненото право“ на авторката д-р Оља Крстиќеска  дава детален приказ на природата, обемот на примена и содржината на принципот  ne bis in idem, и тоа како во домашното законодавство, така и во меѓународните документи и инструментите на Европската Унија. Она што е особено значајно е што трудот се фокусира на принципот ne bis in idem и од аспект на Европскиот суд за човековите права и неговата практика.

Трудот е пишуван со солидна научна методологија, а текстот е презентиран на јасен и разбирлив начин, што е особено значајно поради неговата потенцијална примена во судската практика на домашните и меѓународните судови.

Трудот „Ne bis in idem во казненото право“ изобилува со обемно користена странска литература, конкретно цитирана, со што трудот добива исклучителна вредност како на академски така и на практичен план.

Во книгата се обработуваат повеќе тематики во врска со принципот ne bis in idem, кои се однесуваат на поимната определба на принципот, изворите на принципот, причините, обемот и примената на елементите на принципот, како во домашното законодавство така и во меѓународните документи и во инструментите на Европската Унија.

Книгата е резултат на темелно проучување на принципот ne bis in idem, особено на забраната за двојно судење и забраната за двојно казнување, кои постојат во меѓународните и во европските документи, како и преку проучување на ставовите што ги заземаат европските и меѓународните судови во однос на ова прашање.

Во таа насока, авторката ги забележува оние сегменти што се добро усогласени и јасно ги разграничува од деловите што не се докрај доследни на поновите ставови во меѓународното право.

Принципот ne bis in idem претставува еден од основните и најзначајни принципи на кривичното право. Терминот ne bis in idem своите корени ги има во римското граѓанско право и претставува скратена форма од изразот bis de re ne sit actio, кој во буквален превод значи – двапати за иста работа не може да се поднесе тужба.

Од современ аспект, суштината на принципот се изразува преку двете негови компоненти: никој не може да биде кривично гонет двапати за истото дело и никој не може да биде казнет двапати за истото дело.

Најважните карактеристики и причини за принципот, кои се посочуваат во одделните држави, се дека принципот подразбира заштита на основните слободи и права, заштита на поединецот од злоупотреби на државата, правдата, правичноста, пропорционалноста, правната сигурност, процесната ефикасност,  почитувањето на res judicata.

Во кривичното законодавство на Република Македонија, на принципот ne bis in idem му се придава голема важност, што се гледа од фактот дека принципот е издигнат на степен на уставно загарантирано право, кој е воедно изразен и низ кривичното законодавство.

Проучувајќи ја поставеноста на принципот ne bis in idem во македонското законодавство, авторката нагласува дека во внатрешното македонско законодавство се потребни промени во смисла на определување на обемот на примена на принципот ne bis in idem во внатрешното право.

Во оваа насока, авторката дава конкретни предлози и решенија за дополнување и изменување на одделни законски одредби во функција на надминување на состојбите кои низ истражувањето се покажале како не толку добро усогласени и проблематични во контекст на природата, обемот на примената и содржината на принципот ne bis in idem.