/ Прочитано:

1.048

КОМИСИЈА ЗА СКАНДАЛОТ СО ПРИСЛУШКУВАЊЕТО: Груевски требаше да биде сослушан како сведок, но не дојде заради „редовните обврски“

Среда, 9 декември 2015 ­ – Сослушувањето на сведоци е на денешениот дневен ред на Анкетната комисија за скандалот со прислушкувањето. На денешната седница на комисијата требаше да сведочи премиерот Никола Груевски, кој не дојде поради „редовните обврски“.

Според највите, пред Комисијата треба да сведочат премиерот Никола Груевски и министерoт за финансии Зоран Ставрески. Исто така, повикани да сведочат се и Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, поранешни министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, потоа поранешниот директор на ДБК Сашо Мијалков, како и Мартин Протуѓер, шеф на кабинетот на претседателот на Владата.

Членот на Комисијата, Антонио Милошоски, истакна дека ќе побара, седницата на која сведоците ќе ги даваат своите искази да биде затворена за јавноста, поради „споделувањето на доверливи информации“.

На денешната седница, требаше да сведочи премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски, но, како што истакнуваат ВМРО – ДПМНЕ, „поради редовните обврски тој ќе одговори на поканата на Анкетната комисија во Собранието на 14 декември и ќе се обрати пред пратениците од Комисијата“, додека пак од Владата информираат дека Груевски предводи владина делегација во  Израел.

Претседател на Комисијата за скандалот со прислушкувањето е Петре Шилегов, заменик-претседател е Горан Мисовски, а членови се Антонијо Милошоски, Силвана Бонева, Крсто Мукоски, Павле Саздов, Димитар Стевананџија, Лилјана Затуроска, Магдалена Манаскова, Владанка Авировиќ, Томислав Тунтев,  Васко Ковачевски, Талат Џафери, Ејуп Рустеми, Ернад Фејзула и Роза Топузова-Каревска.