/ Прочитано:

1.553

КОМИСИЈА ЗА ЗАШТИТА НА КОНКУРЕНЦИЈАТА: Контрола на концентрации, државна помош и забранети договори

Понеделник, 17 август 2015 – Комисијата за заштита на конкуренцијата  има донесено вкупно 41 решение во управна постапка, од кои 30 решенија се однесуваат за контрола на концентрации, а 11 решенија се однесуваат за контрола на државна помош, се вели во Годишниот извештај на оваа комисија одговорна за спроведување на Законот за заштита на конкуренцијата. 

„Во остварување на своите надлежности Комисијата води управни и прекршочни постапки за утврдените повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и изрекува глоба како прекршочна санкција, во согласност со одредбите со Законот за прекршоци. Комисијата за заштита на конкуренцијата има донесено вкупно 41 решение во управна постапка, од кои 30 решенија се однесуваат за контрола на концентрации, а 11 решенија се однесуваат за контрола на државна помош. Од вкупно 30 решенија за концентрации, во 29 решенија е утврдено дека концентрациите се во согласност со одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата, додека во едно решение Комисијата утврди дека концентрацијата не потпаѓа под одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата“, велат од Комисијата.

Што се однесува до решенијата за контрола на државната помош, додаваат оттаму, кај 6 решенија се утврдува дека мерките содржани во известувањата доставени до Комисијата од страна на давателите на државна помош претставуваат државна помош во смисла на Законот за контрола на државната помош, додека кај другите 5 решенија Комисијата утврди дека мерките содржани во известувањето претставуваат помош од мало значење (de minimis помош).

„Дополнително, Комисијата има дадено 4 мислења во согласност со Законот за заштита на конкуренцијата и 19 мислења во согласност со Законот за контрола на државната помош“, истакнуваат од Комисијата.

На 28 октомври 2010 година Собранието на Република Македонија донесе нов Закон за контрола на државната помош. Со донесувањето на Законот за контрола на државната помош се изврши понатамошно хармонизирање на македонското законодавство во оваа област со законодавството на ЕУ и тоа: членовите 107-109 од Договорот за функционирање на ЕУ и ЕУ регулативите 32001R0069 и 31999R0659.

„Со овие измени се унапреди законитоста и ефикасноста во постапувањето на Комисијата преку усогласување на одредбите од Законот за контрола на државната помош со Законот за општа управна постапка и со Законот за заштита на конкуренцијата. Со тоа се овозможува поедноставна управна постапка пред Комисијата, во предметите кои се однесуваат на државна помош, која  истовремено ќе биде појасна и транспарентна за сите заинтересирани страни“, велат од Комисијата.

Според податоците на Комисијата наведени во Годишниот извештај за 2014 година, бројот на донесени решенија од страна на Комисијата изнесува 11, при што кај шест решенија се утврдува дека мерките содржани во известувањата доставени до Комисијата од страна на давателите на државна помош претставуваат државна помош во смисла на Законот за контрола на државната помош, додека кај другите пет решенија Комисијата утврди дека мерките содржани во известувањето претставуваат помош од мало значење (de minimis помош), односно доделена помош која не надминува по корисник 200.000 евра за период од три години.

Комисијата,  повикувајќи се на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година во областа на антитруст и државната помош, истакнува дека „е направен добар напредок на полето на конкурентската политика“, односно „подготовките во оваа област се во напредна фаза“.

„Во областа на антитруст (забранети договори и злоупотреба) и концентрации, Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе две решенија за антиконкурентски договори, четири за злоупотреба на доминантната позиција и осумнаесет за концентрации. Девет постапки се во тек. Управниот суд поништи (отфрли) седум одлуки на Комисијата за заштита на конкуренцијата од процедурални причини, од кои шест подоцна беа потврдени од Вишиот управен суд. Кривичниот законик е усогласен со Законот за заштита на конкуренцијата, кој дозволува да се применуваат leniency мерки. Насоки за вертикални ограничувања и за хоризонтални договори се донесени, со кои се обезбедува понатамошно усогласување на законодавството за конкуренција со она на ЕУ“, се вели во Годишниот извештај.

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата резимираат дека имаат потреба од високообразован кадар по правни и економски науки за реализација на поефикасна заштита на конкуренцијата на пазарот.

„Комисијата има потреба од континуирано зголемување на бројот на високообразован кадар, пред сѐ, од областите на правни и економски науки, кој ќе има добро познавање на европското право и европската практика во областа на конкуренцијата и познавање на англискиот јазик,  заради успешно остварување на поставените цели и задачи во поефикасна заштита на конкуренцијата на пазарот“, истакнуваат од Комисијата.

M.В