/ Прочитано:

1.547

Комисијата за заштита од дискриминација утврди директна повеќекратна дискриминација во пристап до вработување

Комисијата за заштита од дискриминација донесе мислење со кое утврди директна повеќекратна дискриминација, односно дискриминација врз повеќе од еден основ.

„Се работи за оглас за вработување објавен на ден 23.3.2017 година на веб-страницата kariera.mk од страна на хотелот ’Глам‘ во Скопје, во кој се бара ’женска особа на возраст од 30 до 45 години за работа во кујна – сервирање појадок (шведска маса)’“, појаснуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Постапувајќи по претставка на Хелсиншкиот комитет, Комисијата за заштита од дискриминација во конкретниот случај утврди директна повеќекратна дискриминација, бидејќи со ваквиот оглас се оневозможува пристап до работното место за мажите, со што е направена директна дискриминација врз основа на пол, но во исто време се оневозможува пристап до работното место за жените кои се помлади од 30и постари од 45 години, со што е направена директна дискриминација врз основа на возраст.

„При носењето на своето мислење, Комисијата за заштита од дискриминација не се обратила до правното лице против кое е поднесена претставката, бидејќи како доволен факт и доказ е огласот за вработување, а поради природата на работното место, опишана во огласот, не може да се применат никакви исклучоци од дискриминација, односно огласот не може да се оправда поради неговата дискриминаторска содржина бидејќи дадениот опис на работното место не бара исклучување на одредена возрасна или полова група. Во своето мислење, Комисијата му препорачува на хотелот ’Глам‘ да го повлече објавениот оглас и повторно да го објави без споменатите ограничувања врз основа на пол и возраст“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Имајќи го предвид фактот дека многу огласи за вработување во себе содржат ограничувачки и дискриминаторски елементи, Хелсиншкиот комитет го поздравува ваквото мислење на Комисијата за заштита од дискриминација и смета дека тоа треба да биде поттик и охрабрување сите оние што сметаат дека биле дискриминирани во пристапот до вработување тоа да го пријават во иднина.

„Дополнително упатуваме апел до Комисијата за заштита од дискриминација и во иднина да продолжи во оваа насока, со цел во рамките на своите надлежности еднакво да ги заштитат сите граѓани во пристапот до вработување“, истакнуваат од Комитетот.

М.В