/ Прочитано:

2.219

КОНФЕРЕНЦИЈА: „Заштита на децата жртви во правните постапки“

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, организираше конференција на тема: „Заштита на децата жртви во правните постапки“.

akad 7

На конференцијата присуствуваа судии од кривичните и граѓанските оддели и јавни обвинители од сите апелациони подрачја, како и адвокати и претставници од Министерството за правда на Република Македонија, од Министерство за труд и социјална политика, од центрите за социјална работа и од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Нагласувајќи го значењето на конференцијата во поглед на потемелниот пристап кон прашањето за  заштита на децата жртви во правните постапки, на денешниот настан свои воведни обраќања имаа Анета Арнаудовска, директор на  Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, и Елспет Ериксон, заменик-претставник на УНИЦЕФ.

„Во Македонија се посветува сериозно внимание на експлоатацијата и ранливоста на децата, на сите форми на злоупотреба на децата, вклучувајќи ги и детската порнографија, детската проституција, трговијата со деца и ропство, сексуалната експлоатација и , злоупотреба и злоставување. Од клучна важност е да се воспостави системски и координиран пристап за превенција или одговор на насилство врз децата. Заедничкото постапување не само што ќе ги зголеми можностите да се спречи злоупотребата и занемарувањето на децата жртви, туку и да сеќе го забрза процесот на закрепнување на жртвите“, истакна Арнаудовска.

На денешната конференција се говореше за кривичноправната заштита на децата жртви, за заштитата на децата жртви во правните постапки од граѓански аспект, за најчестите облици на криминал на детска порнографија преку интернет и за новите начини на електронска комуникација и заштита на децата.

Во врска со овие теми, на конференцијата свои излагања имаа Корнелија Иванушиќ, судија во Општинскиот суд во Велика Горица, Република Хрватска, Зора Треневска, судија на Апелациониот суд Скопје,  Џулијана Мишевска, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје и Владимир Милошевски, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

На почетокот на настанот, предавачите истакнаа дека еден од клучните документи од аспект на конвенциското право, кој се однесува на заштитата на правата на детето, е Меѓународната конвенција за правата на детето на ОН, каде што се пропишува дека детето треба да биде во целина подготвено да живее самостојно во општеството и да биде воспитувано во духот на идеалите прокламирани во Повелбата на Обединетите нации, а особено во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправноста и солидарноста.

Во македонскиот Закон за правата на децата, кој се повикува и на најзначајните документи од конвенциското право во поглед на заштитата на децата,  потенцирано е остварувањето на приоритетен интерес и заштита на децата од криминал, насилство и од кој било облик на загрозување на нивните слободи и права и нивниот правилен развој.

Во таа насока, со овој закон се уредува и заштитата на децата сторители на дејствија кои со закон се предвидени како кривични дела и прекршоци и од поврат на такви дела, нивна социјализација, воспитување и превоспитување, помош и грижа за децата и во постапката пред судот и другите органи заштита на нивните слободи и права загарантирани со Уставот на Република Македонија, со Конвенцијата за правата на детето и со другите меѓународни договори за положбата на децата, ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.

Заштитата, пак, на децата се уредува и со Законот за заштита на децата, во кој се нагласени принципите на заштитата на правото на живот и развој на детето, заштитата на најдобриот интерес на детето, обезбедување на минимум стандард за секое дете под еднакви услови, исклучување на каква било форма на дискриминација, почитување на правото на детето на слобода и безбедност на личноста, на сопствено мислење и слободно изразување, здружување и образование, услови за здрав живот и остварување на други социјални права и слободи на детето.

Покрај со овие конвенции и прописи, судијката од Апелациониот суд Скопје Зора Треневска вели дека од граѓанскоправен аспект заштита во рамките на регулирање одделни состојби кои се поврзани со децата и кои се условени со постапка пред суд, предвидуваат и посебните закони, како што е Законот за семејството.

„Во согласност со овој закон при одлучувањето за доверување на деца од значење е и желбата на детето со кој од родителите сака да продолжи да живее и во таа ситуација се цени и неговата изјавата во склоп на сите други релевантни податоци затоа што е во негов најдобар интерес. Во согласност со воспоставената пракса, децата над 10 години самостојно даваат изјава пред надлежен орган или кога е потребно пред суд“, вели судијката Треневска.

Посебни одредби за постапување, додава судијката, содржи и Законот за вонпарнична постапка во уредувањето на личните и семејни односи и состојби, односно продолжување на родителско право, одземање на деловна способност, враќање на деловна способност, како и во постапките за уредување на семејни односи, и тоа: давање дозвола за склучување на брак, одземање на вршење на родителско право, како и продолжување на родителско право.

„Од посебно значење е постапувањето на судот во постапките за сторено семејно насилство, в.в. Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, и во рамките на тие постапки процената за потреба од сослушување на деца“, нагласува судијката.

Во врска со најчестите форми на криминалитет поврзан со детска порнографија на интернет, Корнелија Иванушиќ, судија во Општинскиот суд во Велика Горица, Република Хрватска, се осврна и кон Факултативниот  протокол кон Конвенцијата за правата на детето, кој се однесува на продажба на деца, детска проституција и детска порнографија. Во оваа конвенција, истакна судијката, нагласена е загриженоста за значителната и зголемена меѓународна трговија со деца заради продажбата на деца, детска проституција и детска порнографија.

„Тргнувајќи од меѓународните документи,  инкриминациите на детската порнографија во националните законодавства претставуваат и општа заштита на децата и превентивно дејствување во однос на сузбивањето на злоупотребата на децата“, истакна судијката Иванушиќ.

 Владимир Милошевски, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во врска со детската порнографија истакна дека за доследно справување со детската порнографија потребно е  спроведување на проактивни истраги преку следење на интернет-комуникациите, користење на прикриен идентитет на интернет, како и отворање веб-страница на која ќе може да се пријавуваат сомненија за детска порнографија, особено за случаите на  намамување на малолетник со користење на компјутерско-комуникациски средства.

 Џулијана Мишевска, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, говорејќи за кривичноправната заштита на децата жртви, истакна дека во Конвенцијата за правата на детето насилството е дефинирано како: „сите облици на физичко или ментално насилство, повреди или злоупотреби, занемарување и немарен однос, малтретирање и експлоатација, вклучувајќи и сексуална експлоатација.“

„Полицискиот службеник, ЈО и судот треба да постапуваат со посебна грижа кон детето жртва, со почитување на сите негови права и давајќи му ги потребните поуки кои се однесуваат на неговите права и на неговото достоинство“, истакна Мишевска.

М.В