/ Прочитано:

1.112

Конференција на тема „Семејство за секое дете“: Заклучно со 2020-та ниту едно дете од 0 до 3 години нема да биде во институција​

Дебатата се одвиваше во насока на разгледување на можностите и превентивните активности и поддршката на биолошките семејства, развивањето нови форми на згрижување, развивањето на системот на згрижувачки семејства, за инвестиции во подобрување на квалитетот на алтернативни решенија за грижа преку нивна стандардизација, вложување во рана детекција и рана интервенција и вложување во самите деца преку зголемување на инвестициите во предучилишното образование и раниот детски развој.

Последните податоци на УНИЦЕФ покажуваат дека околу 250 деца во Македонија, од кои 70 се на возраст под три години, го немаат правото да живеат во семејна средина. Овој факт е основна причина итно да се изнајдат начини за обезбедување услови за секое дете во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина.  Ова беше генералниот заклучок на денешната конференција на тема „За секое дете, семејство“,  посветена на заложбата на Владата до 2020 година да се стави крај на сместувањето на деца под 3-годишна возраст во големи институции.

На настанот, кој беше организиран од страна на Министерството за труд и социјална политика, присуствуваа: ресорната министерка Мила Царовска, шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс. Дебатата се одвиваше во насока на разгледување на можностите и превентивните активности и поддршката на биолошките семејства, развивањето нови форми на згрижување, развивањето на системот на згрижувачки семејства, за инвестиции во подобрување на квалитетот на алтернативни решенија за грижа преку нивна стандардизација, вложување во рана детекција и рана интервенција и вложување во самите деца преку зголемување на инвестициите во предучилишното образование и раниот детски развој.

Во таа насока, и меѓународниот експерт, професор Кевин Браун, од Универзитетот во Нотингем во Велика Британија и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, одржаа презентации за ефектите од институционалното згрижување врз раниот детски развој, врз основа на најновите сознанија во неврологијата, психологијата и педијатријата во светот.

Во своето обраќање, министерката Царовска потенцираше дека институциите не го даваат ефектот на развојот и грижата за децата.

„Оваа конференција ќе ја заокружиме со јавна заложба дека ќе останеме посветени на оваа реформа и дека ќе создадеме услови децата од 0-3 години до 2020 година веќе да не бидат сместувани во големи институции, бидејќи секое дете е важно и бидејќи секое дете треба да расте со топлина, љубов и грижа од друго човечко суштество“, рече Царовска. ​

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Жбогар, го потенцираше фактот дека сместувањето на дете во институција има непосредно и штетно влијание врз развојот на детето.

„Европските насоки за транзиција од институција кон грижа на ниво на заедница нагласуваат дека кога станува збор за многу мали деца, дури и краткотрајното сместување во институција може негативно да влијае врз развојот на мозокот и да има последици врз емотивната благосостојба за цел живот“, истакна Жбогар.​

Претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, потенцираше неколку итни работи што треба да се направат.

„Треба да направиме три итни работи; прво треба да работиме со здравствениот систем и со системот на социјални услуги за да го спречиме напуштањето на децата на самиот почеток, второ, треба да го подобриме и да го прошириме сместувањето во згрижувачки семејства и посвојувањето. Трето, за децата кои не можат да останат во своето биолошко семејство треба да воспоставиме мали групни домови во кои, колку што е можно повеќе, ќе се реплицира семеен начин на живеење.“

Панелистите, пак, од Словенија, Црна Гора, Србија и Грузија, земји кои успешно воспоставија одржливи алтернативи на институционалното згрижување во заедницата, споделија практични поуки од регионот кои вклучуваат напори за спречување на напуштањето, воспоставување иновативни услуги во заедницата и алтернативни решенија за децата, со посебно внимание врз потребите на децата со попреченост, како и ресурсите за одржување на реформата.

Водејќи се од принципот дека „секое дете е важно“, заложбата на Владата значи обврска да се обезбедат услови за секое дете во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина.

А. Б.