/ Прочитано:

1.294

КОНСТИТУИРАН ОДБОРОТ ЗА МЕДИЈАЦИЈА: Целосна посветеност во функција на креирање нов профил на медијатори

Вторник, 16 септември 2014 – Министерот за правда на Република Македонија, Аднан Јашари, на 12-ти септември во просториите на Mинистерството се обрати на седницата на која се конституираше Одборот за медијација како законска обврска која произлегува од новиот Закон за медијација, известуваат од Министерството за правда.

„Имајќи ја предвид специфичноста на природата на одреден вид на спорови каде медијацијата се планира како задолжителна, традицијата во Република Македонија, културолошките потреби на популацијата на просторот на Република Македонија се наметна потребата од креирање на сосем нов профил на медијатори кои би постапувале во ваквите спорни ситуации, но и обезбедувањето на соодветен надзор или контрола над медијаторите кои ќе можат во иднина да одговорат на новите предизвици кои претстојат пред нив, и успешно да ја остваруваат својата задача“ рече министерот Јашари.

„Тука доаѓа клучната улога на Одборот, чии членови сте вие и кому Владата даде доверба истиот да го изгради. Одборот е доказ дека Државата е свесна дека само со една професионална мултисекторска соработка и целосна посветеност кон решавање на проблемот е можно креирање на нов профил на медијатори, кои во целост ќе можат да одговорат на новите одговорности и предизвици“, потенцираше Министерот за Правда.

„Задолженијата на Одборот се бројни и нив Законот децидно ги утврдува. Во оваа прилика ќе нагласам само неколку од нив кои во моментов се најбитни и најитни: организирање и спроведување на испитот за медијатори за прв пат и на електронски начин, издавање на првите лиценци, утврдување на условите и постапката за издавање на акредитации на програмите за обука на медијатори“, рече Јашари.

Со Законот за медијација од 2013 година се креираше сосем поинаков систем на медијација во Република Македонија, систем кој ќе се темели на обезбедување, следење и оценување квалитетот на работите на медијацијата.

„Новото законско решение ја остава можноста медијацијата да се испроба пред започнувањето на судската постапка, но и во рамки на судската постапка. Уредена е и можноста за меѓународна медијација. Самата постапка за медијација не отстапува во голема мерка од старото законско решение, со исклучок на застојот на рокот за застареност во случај на постапка за медијација, и забраната за паралелно водење на судска постапка паралелно со постапката за медијација, а во правец на оневозможување на ситуации каде се можни целосно спротивни одлуки за една иста работа по која еднаш донел одлука судот, а друго се спогодиле странките по пат на медијација. Законски е уредена поддршката на Медијацијата од страна на Владата на РМ, која ќе носи четири годишна Програма за развој на медијацијата, но и ќе врши субвенционирање на првите 4 часа медијација. Најголеми измени се внесени во сферата на лиценцирање на медијаторите“, додаде Јашари.

Креиран е систем на полагање на испит за медијатори, лиценцирање на медијаторите при што лиценцата се издава само на лицата со положен испит за медијатор кои ги исполнуваат и другите законски услови, а воведен е и психолошки тест и тест на интегритет со цел да се спречи влез на лица кои не поседуваат основни карактеристики за медијатор и не можат да ја стекнат довербата на страните- што е клучно за медијацијата гледана во целина.

Министерството за правда освен што има член во Одборот, согласно Законот е ставено во улога на Секретаријат на Одборот.

E. П.